• вторник, 24 декември 2024

Делегации од Србија, Црна Гора и Бугарија за Денот на ослободувањето на Битола

Делегации од Србија, Црна Гора и Бугарија за Денот на ослободувањето на Битола

Битола, 4 ноември 2024 (МИА) - Делегации од збратимените градови од Пожаревац, Србија, Херцег Нови, Црна Гора и Плевен од Бугарија, престојуваат во Битола за празникот на градот, Денот на ослободувањето - 4 Ноември.

Според востановената традиција, градоначалникот Тони Коњановски, освен за гостите од странство, денеска прием приреди и за претставници од општинската организација на Сојузот на борци, со кои положија цвеќе пред Споменикот на НОВ и Револуцијата, како и на споменикот на Стив Наумов и на Партизанските гробишта во Битола.

-Денеска имаме голем ден, голем празник и јубилеј за Битола – 80 години од ослободувањето на градот. Денес оддаваме должна почит кон хероите кои ги дадоа животите во Народноослободителната борба, а наша должност е да не го заборавиме нивниот спомен и тој да остане запаметен и од младите кои ќе продолжат заедно со нас повозрасните во обновата на Битола. Нека ни е честит големиот јубилеј – 80 години слободна Битола, истакна Коњановски.

Во организација на Општина Битола, вечер во Центарот за култура ќе се одржи Свечена академија на која ќе се доделат наградите за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело. мт/мд/

Фото: Општина Битола

Остани поврзан