• сабота, 23 ноември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Итно да се донесат измени и дополнувања на Кривичниот законик за да се ублажат штетните последици од донесените законски измени

Дебата на НКЕУ-МК: Итно да се донесат измени и дополнувања на Кривичниот законик за да се ублажат штетните последици од донесените законски измени

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Министерството за правда итно да формира работна група која ќе подготви измени и дополнувања на Кривичниот законик, со цел да се стават вон сила одредбите од ЗИД на КЗ од септември 2023 година, кои не се во согласност со заложбите за борба против организираниот криминал и корупцијата и кои не се во согласност со европските стандарди и во духот на европските политики. Да се направи ревизија на кривичните дела за корупција, злоупотребата на јавните набавки да се воведе како посебно кривично дело како што е предвидено во Предлогот на новиот Кривичен законик, како и измена на чл. 394 од КЗ - Злосторничко здружување и пропишување повисоки казнени рамки, затоа што со измените беа драстично намалени.

Ова се дел од препораките на НКЕУ-МК од 14-та сесија на Работната група 3, Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година: македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата“. 

Експертите беа согласни дека измените во Кривичниот законик од 2023 година штетно влијаеле врз правосудниот систем и врз исходот на кривичните постапки поврзани со случаи на висока корупција бидејќи поголем дел беа запрени поради застарување и оти потребни се правни механизми за да се ублажат штетните последици од донесените законски измени со коишто се донесени ослободителни пресуди.

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан први“ и коордикаторка на Работната група 3, Александра Деаноска Трендафилова, истакна дека треба под итно да се преземат чекори со цел да се минимизираат штетите од измените и дополнувањата на КЗ.

-Ова е една од измените повеќе од 30 на број, можеби 40-ина интервенции на Кривичниот законик од неговото донесување од 1996 година ако ги земеме предвид неколкуте одлуки на Уставниот суд, технички корекции итн. која што сепак ми се чини дека нанесе, односно има сериозни консеквенции во она што од една страна е декларативна заложба на државата борба против организираниот криминал и корупцијата, од друга страна ефектите коишто отидоа сосема во спротивен правец, рече Деаноска, осврнувајќи се на измените на КЗ.

-Тука има и некои одредби коишто треба да се позитивно оценети затоа што баш и беа преземени онака како што беа драфтирани во Нацртот на новиот Кривичен законик во делот на еколошките инкриминации на пример итн. каде што извршивме усогласување со европски директиви, одредбата за членот којшто се однесува на оружјето повторно усогласување со меѓународни стандарди...Меѓутоа се чини дека тоа беше на некој начин параван за да поминат и оние измени кои предизвикаа низа застарувања на корупциски и слични дела и коишто едноставно кај граѓаните таа надеж дека борбата за правда, борбата против корупцијата ќе биде ефикасна ја намали, оцени Деаноска Трендафилова.

За неа, проблематични се измените во делот на проширената конфискација. -Проширената конфискација долго време беше предмет на дискусии во работната група за новиот КЗ и многу внимателно работевме да ја усогласиме нашата одредба со европската директива бр. 41 од 2014 година, односно да овозможиме проширената конфискација која што за жал ја имаме од 2009, но досега не беше применета во пракса конечно да може да биде имплементирана и она што е нелегално стекнато да се врати назад, односно и граѓаните и државата да имаат „профит“ на некој начин. Но, во септемвриските измени на КЗ оваа одредба не беше преземена на тој начин, беа кумулативно поставени два услови и со тоа всушност обвинителството може само за помал број на кривични дела, осуди итн., да речеме, да оди во општо размислување, истражување на потекло итн., во делот на проширена конфискација. Значи, се стеснува тој круг на кривични дела за коишто може да се постапува ефектот ќе биде спротивен од она што го очекуваме, рече таа.

Потсети дека ЕУ во меѓувреме донесе и нови предлози на директиви.

-Меѓу тие предлог директиви е и онаа од 2022 година за поврат на имот и конфискација каде што се предвидени различни облици на конфискација вклучително и конфискација која не се базира на осуда, нешто што за нас се чини дека е ново, тоа е всушност конфискација во случај на фактички или правни пречки на гонење, нешто што го имаме од 2009 година. Значи, ако настапила застареност на кривично гонење, амнестија, помилување или фактички пречки, починал сторителот на кривичното дело итн., во посебна постапка сепак може да се изрече мерката конфискација и она што е резултат на кривично дело во вид на имот, имотна корист итн. да се одземе. За жал, ние овие механизми не ги искористивме и досега, а сега го стеснуваме и полето на нивната примена, рече Деаноска Трендафилова.

Таа нагласи дека бришењето на злоупотребата при јавните набавки можеби е и најтешкиот дел.

-Работната група за целиот нов Кривичен законик го избриша ставот 5 за да развие цел нов член од него веднаш после членот за злоупотреба на службена положба и овластување. Целта беше ние убаво да ја разработиме злоупотребата при јавни набавки со основен облик, полесни облици, потешки облици, а не да се избрише ова или како што се толкува да се декриминализира за што воопшто не станува збор, бидејќи злоупотребата не е целосно избришана за да сметаме дека и злоупотребата при јавни набавки е декриминализирана, туку треба да ги расчистиме тие дилеми дали постои или не декриминализација и во овој момент, рече таа.

Оља Ристова, судија на Основен кривичен суд Скопје, потенцира дека еден од клучните предизвици е секогаш влијанието на извршната власт врз судството.

-Вообичаено ова влијание преку разни механизми на власта се врши индиректно и потпомогнато со клиентализмот на одредени носители на судските и јавнообвинителските функции. Меѓутоа, овие измени од септември 2023, покажаа дека извршната власт директно се вмеша во работата на судовите. Имено, овие измени директно влијаеја на исходот на кривичните постапки поврзани со високата корупција коишто беа во тек против многу функционери. Поголемиот дел од овие постапки беа запрени поради настапување на застареност на кривичното гонење. Застарувањето на овие високопрофилни случаи кои беа од јавен интерес и континуирано беа следени, негативно се одразија на квалитетот на правосудните органи. Постојано се зборува дека судството има низок рејтинг, судството има ниска доверба кај граѓаните, меѓутоа тоа не е секогаш како резултат на работата на судиите. Има голем број на судии и обвинители коишто квалитетно си ја работат својата работа и едноставно не можете да ги ставите во онаа група каде што можете да кажете дека тие не ја работат работата професионално и квалитетно и дека тие на некој начин се клиентелисти на власта и постапуваат на начин на којшто ќе биде тоа на некој начин доведено во корелација со некои високи функционери, подвлече Ристова.

Таа истакна две поенти што произлегоа од измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023, пред се застареноста на кривичните дела, кои, рече, доведоа како резултат застарување на овие висококоруптивни кривични дела, како и начинот на којшто е предложен Законот.

-Како причинско-последични врски коишто би сакала да ги напоменам во врска со донесувањето на овој Закон, значи пред се имаме донесување на измени на Законот со, како што кажав веќе и измени помеѓу кои се и намалување на казните, потоа сето ова доведе до експресно застарување на постапките на овие висококоруптивни кривични дела. Самото застарување на постапките и прекин на постапки со донесување на одлуки од страна на судовите коишто навистина немаа друг избор освен тоа да го направат бидејќи Законот тоа име го налагаше се доведе до намалување на довербата во судството, кое што е пак резултат на Законот којшто го донела извршната власт, а судиите се должни да го применуваат тој закон. Потоа, неказнивост на оние коишто биле обвинети за овие кривични дела и секако бидејќи ја почитуваме пресумпцијата на невиност никогаш нема да дознаеме дали тие навистина биле виновни или не биле виновни и можеби би добиле ослободителна пресуда и на тој начин се доведува до чувството на неказнивост на овие високи функционери, рече Ристова.

Последното и за мене многу важно, потенцира таа, е огромни трошоци на буџетот на државата коишто се ненадоместливи трошоци и што се предизвикани од донесувањето на овој Закон за којшто сметам дека пред да се предложат овој дел на измените од КЗ морало да се води сметка какви последици по буџетот на државата ќе имаат застарувањата на овие постапки и едноставно буџетот е доведен во смисла на тоа да исплатува трошоци на обвинетите во овие постапки на коишто постапките им застареле.

-Она што сакам да кажам, прашањето се поставува зошто власта мораше да интервенира на овој начин. Пред се, моето мислење е, една од причините зошто мораше да интервенира на овој начин е да ги донесе овие измени во Законот за овие висококоруптивни случаи е дека не сите судии и не сите јавни обвинители подложат на влијание на власта. Тоа се поединечни случаи во коишто тие може да влијаат, имаме примери – јавно се следеа од страна на граѓанскиот сектор, јавно се известуваше за тоа, значи тоа се посебни случаи каде што се доведе до намерно одолговлекување и застарување на постапките од определени судии и јавни обвинители и на тој начин или пак се донесоа ослободителни пресуди, да имаме слободно судиско уверување, меѓутоа кога вие го следите текот на судењето, текот на предложените докази на настаните итн., овие ослободителни пресуди коишто понатаму беа и потврдени од повисоките судови може слободно да се направи едно истражување и да се види дека токму овие судии напредуваа понатаму во својата кариера, нагласи Ристова.

Според неа, една од причините е тоа дека сепак овој број на судии и јавни обвинители кои подлегнале на влијание на власта е многу мал и за да можеше да на некој начин да се спасат сите овие функционери кои беа дел од овие постапки, мораше да се интервенира со измени во Законот којшто би ги опфатил сите оние функционери коишто се опфатени со овие кривични постапки.

-И моето мислење е дека една од причините е тоа да се интервенира на ваков начин во Законот и навистина како што видовме се запреа постапките за поголемиот дел од овие злоупотреби коишто ги имаат направено функционерите. Тие се сега веќе слободни личности, а за дел од нив, бидејќи веќе се многу намалени казнената политика е навистина сменета во овој дел, значи и постои огромна можност тие понатаму и да застарат. Навистина е непријатно за судиите и обвинителите, ќе зборувам за мојата фела, која што навистина се заложиле, значи, не се само тоа судии и обвинители, вие имате истражни органи, вие имате Управа за перење пари, Управа за финансиско разузнавање, МВР, јавен обвинител, суд којшто работи долго време на овие постапки за на крајот едноставно извршната власт директно се вмеша, ги донесе овие измени и сите тие постапки после неколку години застарат, остане чувството на неказнивост и останат последиците по буџетот на државата коишто секако ќе мора на крајот да се исплатат, а ништо од она што го спомна професорката Александра не е ниту конфискувано, ниту вратено, а е претходно исто така потрошено од страна на буџетот на државата, рече Ристова.

Романскиот експерт Кристијан Дуку, од Центарот за напредно истражување во менаџментот и применетата етика во Букурешт, го пренесе примерот со Романија, потенцирајќи дека романскиот Кривичен законик претрпел стотици измени по 2017 година, кои предизвикале штета во правосудниот систем, со што завршиле со уште повеќе проблеми во судскиот систем, Парламентот, институциите.

Според него, треба да се зборува за концептот за злоупотреба на овластување.

-ЕУ зборува за злоупотреба на власта, а помалку за злоупотреба на функцијата. Дали таа треба да се ограничи на државните службеници или да ги вклучиме и политичарите и директорите на јавните училишта бидејќи и тие имаат овластувања. Има различно толкување во овластувањата, рече Дуку, додавајќи дека и сите ние треба да се бориме секој ден за да ги добиваме правичните закони бидејки граѓаните тоа го бараат од нас, зошто ние сме чуварите на јавниот интерес.

Тој нагласи дека за демократијата треба да се бориме, законите треба да бидат живи документи, а за тоа е потребно - транспарентност, предвидливост, флексибилност, отчетност и одговорност. Рече дека овие елементи во Романија не биле запазени кога се носел Кривичниот законик по што граѓанското општество бурно реагираше и кажа дека нов КЗ не требна да се воведува без консултации.

Емануеле Биритиери, доцент по казнено право при Универзитетот во Рим „Унителма Сапиенца“, се осврна на италијанското искуство при злоупотребата на јавната функција, при што како критичен аспект го наведе малиот број пресуди во споредба со големиот број на кривични постапки отворени за злоупотреба на службената положба.

-Обидот на законодавецот да го стесни опсегот на криминализираното однесување го направи многу тешко спроведувањето на законот, до степен до кој некои зборуваа за „суштинска стерилизација“ на злоупотреба на службената положба. Искуството од неговата примена често доведува до јаз меѓу судството и политиката. Всушност, тоа е прекршок за кој често се обвинуваат локалните администратори и кој, според многумина, доведе до таканаречениот феномен на „одбранбена бирократија“, при што службениците претпочитаат да не дејствуваат наместо да ризикуваат да бидат кривично гонети. за злоупотреба на службената положба, оцени Биритиери.

Лидија Раичевиќ, јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје рече дека е против намалување на казните. Таа нагласи дека обвинителите и судиите имаат сила да застанат зад правдината. Раичевиќ порача да се промени актуелниот закон и да се заострат казните за ефикасна борба против корупцијата.

Професорката Милева Ѓуровска и Национална координаторка на НКЕУ-МК, нагласи дека како дел од петте поглавја на кластер 1, Поглавјето 23 има посебна улога за функционирање на механизмот на владеење на правото кое е дефинирано како основа за заедничко живеење на државите членки на ЕУ и претставува една од темелните вредности на Европската Унија.

-Секоја држава која има визија да биде членка на ЕУ треба да се стреми кон стабилен правосуден систем обезбедувајќи: законитост, правна сигурност, забрана за самоволие на извршните овластувања, независни и непристрасни судови, ефективна судска ревизија, при тоа вклучувајќи почитување на темелните права и еднаквост на сите пред законот. ЕУ има свој правен идентитет, свои права и обврски што ги споделуваат земјите на ЕУ т.н. Аcquis Communitaire, рече таа.

Таа нагласи дека според извештаите на ЕУ, подобри сме во пишувањето на закони, но не и во нивното спроведување, имаме европски закони, но немаме европско секојдневие. -За ваквите состојби одговорноста лежи и во правосудниот систем кој покажува слаба волја да ја постави извршната власт во рамката на законитоста, истакна Ѓуровска.

Мухамед Халили од Советот на амбасадори, го оцени како кобен ден на македонското правосудство носењето на измените на КЗ во септември минатата година. Рече дека тогашната Влада ги усвоила измените и дополнувањата на КЗ, но од тоа, како што кажа, не може да се амнестира и тогашната опозиција, бидејќи иако не гласала и не учестувала во дебатата, сепак не предложила амандмани на текстот, што вообичаено го правела за други предлог-закони. нд/ац/

Остани поврзан