• понеделник, 23 декември 2024

Дебата „Младите се во ЕУ“ на ИДУЕП

Дебата „Младите се во ЕУ“ на ИДУЕП

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) денеска во Скопје организира дебата насловена „Младите се во ЕУ“ како дел од иницијативата „Македонскиот евроинтеграциски пат - Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.

Како што соопштуваат од ИДУЕП, на дебатата ќе бидат отворени теми поврзани со потребата од поголема вклученост на младите луѓе во процесите на одлучување на сите нивоа на власта, како и во креирањето на јавни политики на централно и локално ниво, македонскиот евроинтеграциски процес вклучително и предизвиците и следните чекори на овој план, со фокус на позитивните пракси и искуства од земјите-членки на ЕУ од регионот, колку европската интеграција и членството во ЕУ и НАТО може да влијае на запирање или намалување на процесите на иселување, особено на младите луѓе.

Истовремено, се додава, овој јавен настан има за цел и поттикнување, односно давање конкретен придонес за водење на инклузивен процес на пристапување во ЕУ. Исто така, комуникациските принципи и инклузивната комуникација заземаат посебна важна улога во овој процес, како и поддршката која може и се очекува да ја дадат експерти со седиште во земјите-членки од ЕУ и со стекната своја експертиза во некое од преговарачките поглавја.

Дел од учесниците на настанот како што се наведува, се: Александар Ивановски, директор во CFE Tax Advisers Europe (Европска Асоцијација на даночни советници); Моника Зајкова, пратеничка и координаторка на Клубот на млади пратеници во Собранието; Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП; Викторија Постоловска, активистка и досегашна студентска правобранителка при УКИМ, Александар Николовски, досегашен претседател на ФСС на Економскиот факултет при УКИМ, Берин Мухамед, претседател на Сојузот на средношколци и Анисија Угриновска, претседателка на ОДАС. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан