• среда, 27 ноември 2024

Дебата за улогата и влијанието на религијата во современото општество

Дебата за улогата и влијанието на религијата во современото општество

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Проф. Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност на Филозофскиот факултет предупреди на вмешаност на владици – членови на Синодот МПЦ-ОА во шпионажа за „незападни разузнавачки служби“ што, рече, претставува безбедносен ризик и закана и за македонската црква внатре, но и за државата, бидејќи „поттикнува раздор, ја нарушува социеталната, идентитетската безбедност и е дополнителен товар и за признавањето на МПЦ-ОА“.

Во изјава за медиумите пред дебатата „Улогата и влијанието на религијата во современото општество“ што денеска ја организираа Филозофскиот Ѓуровски рече дека не тврди туку го цитира тоа што го кажале претседателот на државата Стево Пендаровски, директорот на Агенцијата за разузнавање и членови на македонската влада кои, како што рече, „изнесоа информации дека членови на Синодот се соработници на руската разузнавачка служба врз основа на сознанија кои се строго доверливи“.

-Верувам дека архиепископот на МПЦ-ОА е запознат и се зависи од нив. Добронамерно и сериозно треба да се сфатат укажувањата од државата и да не се потценуваат затоа што оние кои ни шетаа во Архиепископијата и држеа литургии во македонските цркви денеска имаат забрана и се прогласени за непожелни личности од речиси сите земји членки на НАТО. Со нив се остваруваат контакти на тајни средби во Белград. Тоа е голем безбедносен ризик, можеби не сега веднаш, но долгорочно ќе ги имаме последиците, изјави Ѓуровски.

Во однос на темата на дебатата - улогата и влијанието на религијата во современото општество, тој смета дека таа се организира во вистинско време кога е неопходен дијалог меѓу државата и црквата кои се „во брак од интерес и имаат заеднички предизвици и вредности што треба да ги градат“. 

Смета дека пред двојните избори во државава МПЦ-ОА „ја пропуштила историската шанса да учествува во процесот на помирување помеѓу десницата и левицата“ и за воспоставување дијалог меѓу власта и опозицијата во, како што рече, значајната поделба на македонското национално ткиво. Според него, архиепископот требало „на заедничка маса да ги седне лидерите и на власта и на опозицијата и за некои теми конечно да постигнат заеднички договор и да ги знаеме црвените линии“. 

Наместо тоа, рече Ѓуровски, некои членови на Синодот поттикнуваат поделба и раздор со лажни дилеми и вести во јавноста пласирани преку портали и од прашањето на името на црквата и нејзиното признавање се прави безбедносен проблем, поделба и манипулирање на населението. Обвини и дека МПЦ „се приватизира од двајца до тројца владици“ и соопшти дека пленарниот Синод на МПЦ не заседавал неколку месеци и клучни одлуки за Црквата  “се носат во тесен круг меѓу двајца до тројца владици“. 

Проф. од Институтот за социологија проф. Зоран Матевски истакна дека интензитетот на влијание на МПЦ-ОА е исклучително висок во македонското општество, а македонското население е меѓу најрелигиозните во светот и оттука се видливи и реакциите кон некои општествени појави и процеси, како на пример Законот за родова еднаквост, статусот на трансродовите лица, прашањето за легализирањето на истополовите бракови, абортусот, евтаназијата итн. 

За овие прашања, рече, се судираат ставовите на Црквата и основните граѓански права и слободи. Тоа што во Грција – прва православна земја каде што неодамна беа легализирани истополовите бракови, според Матевски е мерило дека интензитетот на влијание на Грчката црква не е толку висок. 

-Не верувам дека во догледно време тоа ќе се направи во Македонија, токму поради силното влијание на Македонската православна црква. Слично на Полска, каде што случајот е обратен – огромно е влијанието на Полската католичка црква и таму се донесе закон за забрана на абортус. Во таа насока МПЦ е прилично конзервативна, ригидна по тие прашања и има право на тоа, влијае силно на политичката елита која делува испреплетено со религиската елита, рече Матевски. 

Додаде дека МПЦ е прилично толерантна кон Исламската верска заедница и дека двете верски заедници се во одличен однос. 

-МПЦ е сензитивна ако чепнете во нејзиното име и идентитет. Бидејќи ИВЗ не го прави тоа, тие се во извонреден однос и затоа во Македонија има висок степен на мултикултурализам и сега веќе интеркултурализам, идеја за едно општество. Во Европа и на Балканот, по Албанија, сме најтолерантна земја во однос на етничката  и религиската толеранција, додаде социологот Матевски. 

Според отец Бобан Митевски, верските заедници се важен  чинител во општеството и порача дека тие секогаш треба да бидат „на висина на задачата“ и да ги согледуваат заедничките интереси на општеството, а не само интересите и личните потреби на поединци или  групи.

-Она што ние како свештеници што одиме во мантија ќе го покажеме пред другите, на тоа и ќе ги научиме другите. Многу е важно нашето однесување, зборот што ќе излезе од нашата уста, моралните начела кои самите ќе ги живееме, а потоа сакаме да им ги проповедаме и да бидат прифатени од поширокото население, изјави Митевски.

Порача и дека народот треба да го вреднува гласот на црквата како институција, зашто тоа е нејзиниот официјален став, а се што доаѓа од поединец, рече,треба да биде земено се резерва и да се вреднува според неговите претходни постапки, зборови и дела. 

Ја потенцираше икохезијата меѓу државата и МПЦ-ОА во однос на решавањето на автокефалниот статус на МПЦ, прашање што, рече, досега сите политички номенклатури го имале во своите заложби. 

-Тој пат се уште го одиме, тој пат се уште не е завршен и сите знаеме добро каде тој завршува – тоа е во Вселенската патријаршија. Секој просечно образован богослов, секој просечен теолог, го знае обичајното право во православната црква и она што е предание во годините наназад – ако Вселенската патријаршија ги даде сите автокефалии од Руската православна црква некаде во 16 век, и тоа цепкајќи од својата територија, се до најновата во Украина, тогаш таа треба да биде адресата каде што и ние треба да се упатиме, да разговараме и да преговараме на едно достоинствено ниво, рече отецот Митевски. 

Деканот на Филозофскиот факултет проф. Ратко Дуев изјави дека има голем пад на етичките вредности и токму тоа е целта на дебатите од овој вид што ги организираат.

-Сите настани, промени, кризата што го зафати нашето општество и пошироко, влијаат многу на падот на моралот и на вредностите. Затоа религијата, на некој начин, е клучна, зашто целта на секоја религија е верба во човекот и животот, рече Дуев. хс/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан