• сабота, 23 ноември 2024

Дебата за Извештајот на ЕК за земјава пред Националниот совет за евроинтеграции

Дебата за Извештајот на ЕК за земјава пред Националниот совет за евроинтеграции

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Парламентарното мнозинство и опозицијата со различна диоптрија го гледаат Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2023 година.

На денешната заедничка седница на собраниската Комисија за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции, евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека Извештајот е многу искрен но правичен и ги нотира области каде не е постигнат напредок особено за оние области кои ЕК ги смета за толку важни и ги опишува како дел од основите во пристапните преговори.

Тој се задржа на Собранието и укажа дека во Извештајот се искажува загриженост за политичката поларизација што влијаеше врз работата на законодавниот дом со што се одолжуваат потребните реформи.

-Процесот за пристапување кон ЕУ бара консензус меѓу политичките партии токму за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна и некогаш несоодветна употреба на забрзаните процедури. Повикуваме на тоа дека ЕУ знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласт со ЕУ нормите а не да се скрати дебатата за важни прашања. Има злоупотреба на знаменцето во случајот на измените на кривичните закони и законите поврзани со патните коридори 8 и 10Д Бехтел и Енка Договорот, рече Гир.

Тој порача дека Извештајот не е пресуда во однос на она што се работи туку е момент кој што треба да инспирира и мотивира, укажува каде постојат недостатоци во однос на напредокот и каде навистина има прогрес, и водич каде треба да се фокусираат понатамошните реформи и да се одлучува.

-Првиот кластер Темели кој се однесува на пристапните преговори Канцеларијата планира да помогне во овој дел за државата да ги исполни оние работи за кои се посвети да се усогласат со Бугарија. Користењето на средствата од Планот за раст ќе се поврзе со напредок на реформите во областа на владеење на правото и борба пртотив корупцијата. Обезбедени се 6 милијарди евра од кои 4 милијарди се грантови и 2 милијарди кредити, сакаме планот да го ставиме во функција на почетокот на следната година и да донесе бенефиции за граѓаните. Ваше е да ја прифатите оваа можност и да ја претворите во реалност, рече Гир.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ истакна дека Пакетот за проширување на ЕК оваа година се разликува од поранешните извештаи од повеќе аспекти, бидејќи Стратегијата за проширување и Извешатите за напредокот ги сместуваат во посебен геополитички контекст на што влијае војната во Украина и актуелните дејствија на Блискиот Исток, поради што повторно го наметнаа прашањето на проширувањето кај ЕУ поскоро од очекуваното.

Тој кажа дека тоа поттикнало нов пристап кон забрзување на порцесот на проширување од страна на Брисел, кој донесе две новини а тоа е проширување на државите опфатени со Пакетот за пропирување - Украина Молдавија и Грузија и Планот за раст на економиите на Западен Балкан, со кој се забрзува поддршката на регионот на патот кон ЕУ, односно нова динамика во евроинтеграициските и реформските процеси. Во контекст на Планот за раст, додаде, една милијарда евра се потенцијално достапни за земјавата и првиот трансфер на средства се очекува веќе во април, наредната година доколку заедно ги завршиме потребните реформи.

-Најважната порака од Планот за раст и Извештајот е дека не смееме да си дозволиме да ги пролонгираме роковите и да ги одлагаме задачите ниту ден подоцна. Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговарачкиот процес и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес поради ЕУ стандардите. И во овој најнов Извештај за реформскиот напредок ЕК запиша дека државата ги спроведува чекорите согласно ЕУ стандардите и секојдневно работи на исполнувањето на обврските, рече Маричиќ.

Додаде дека на укажувањата и критиките на Извештајот гледаме како на препораки за утврдување приоритети во наредниот период и како на важен показател за она што треба да го направи.

-Комисијата дава и објективен пресек на состојбите. Ние објективно го согледавме и веќе сме укажале на проблемот на функционирањето на пример на Судскиот совет, и затоа и побаравме Оценската мисија од ЕК која веќе се спроведува и треба да даде конкретни препораки како да се подобри работата на ова тело, рече Маричиќ. 

Во Извештајот, додаде тој, ЕК укажува и на потребата да се донесат уставните измени, но и обврските од дијалогот Жан Моне.

-Се бара и од оние политички партии и пратеници кои работат на активна блокада на Собранието таа блокада да ја отклонат. Тоа го бараме и ние одамна, на тоа инсистираат и граѓаните а сега и ЕУ. Од овие укажувања произлегува дека опструкциите го забавуваат исполнувањето на условите за продолжување на преговорите за членство и од тоа не може да се избегне одговосноста колку и да сакаме. Исто така усвојувањето на уставните измени останува предуслов кој не може да го прескокнеме колку и да сакаме да дефокусираме на други теми. Одговорноста на сите политички партии а особено на опозицијата за овие теми што ги наведов треба да се дискутира не само за да си ги кажеме работите како што се туку за да извлечеме поуки кои ќе не донесат до пофункционлано Собрание и поефикасна Влада во реформскиот процес, нагласи Маричиќ. 

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика и пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пак, истакна дека ова е најлошиот Извештај на ЕК за земјава, бидејќи од табеларниот приказ на оценките на Парламентарниот институт земјава има девет нули во девет поглавја, со средна оценка 1,52, при тоа три се во клучниот кластер Темели - во правосудството и темелни права, владење на правото и борба против корупцијата. 

Тој додаде дека одговорноста за Извештајот е на Владата на СДСМ и ДУИ за неуспешно спроведување на политиките.

-Колку и да сака некој владин претставник да го релативизира овој Извештај, мерните единици покажуваат дека Македонија го доби најлошиот извештај откако ЕК ја оценува состојбата на напредокот во нашата држава. Особено што имаме Влада која ја истакнуваше паролата за правосудство, правда, мир, владеење на правото, реформи во судство и слично. Сега гледаме дека токму во овој период  понижени се и правосудството и правдата а ги нема реформите во правото и нема владеење на правото, рече Милошоски.

Во контекст на Планот за раст, тој додаде дека ваквиот извештај е ризичен токму за можноста да се користат овие средства, затоа што реформите во правосудствоио се услов за користење на овие средства. 

За планот за раст Маричиќ најави дека веќе утре директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување Јан Копман ќе има средба со министрите за финансии и со главните преговарачи на земјите од Западен Балкан во врска со имплментацијата на овој План. вг/нд/

Остани поврзан