• вторник, 24 декември 2024

Деа Стојковска е првороденото бебе во Штип, си доби 500 евра

Деа Стојковска е првороденото бебе во Штип, си доби 500 евра

Штип, 2 јануари 2023 (МИА) - Деа Стојковска од Македонска Каменица е првото родено бебе во новата година на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка болница во Штип. Нејзината 29-годишна мајка Глорија Стојковска на свет ја донесе на 1 јануари во 17:55 часот. При денешната посета од страна на директорот на Клиничка болница-Штип Ален Ѓеорѓијев и градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов, вели дека возбудата е голема бидејќи ова е прво дете.

- Прворотка сум, бебето е три килограми и 400 грама, а е долго 49 сантиметри. Чувството е супер, бидејќи ни е прво и сме многу возбудени, рече Стојковска.

Началничката на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка болница-Штип Наталија Атанасова вели дека и мајката и бебето се во добра здравствена состојба. Прашана колку лани на оваа одделение се родени новороденчиња, Атанасова рече дека лани во споредба со 2022 година имаат околу 60 породувања помалку. Лани на одделението се родени повеќе женски бебиња и тие на машките им водат со десет повеќе.

- Значи, 2023 година е завршена со околу 500 породувања, во споредба со 2022 година имаме околу шеесетина породувања помалку. Значи имаме пад на породувањата, вели Атанасова.

Прашана за причините за намалувањето на породувањата, бидејќи во оваа болница годишно се раѓаа и по 800 или 1.000 бебиња, Атанасова рече дека тоа беа други времиња, а причината е секако во иселувањето на младите од источниот регион.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ѓеорѓијев и градоначалникот на Општина Штип, Јорданов на првото родено бебе во регионалниот Клинички центар му подарија играчки, паричен ваучер од 20.000 денари од општината и 10.000 денари од „Комерцијална банка“.

- Овде сме за да и посакаме добро здравје, бериќет, мир и благосостојба во семејството. Но и да посакаме бериќет и во градот Штип, да се раѓаат многу деца оваа година, еве и во Клиничката болница првото родено бебе е женско, оваа година ќе биде женска нека биде бериќетна, да има благосостојба во секој дом и развој на градот, истакна Јорданов.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ѓеорѓијев истакна дека посакуваат здравје и среќа на мајката, а на новороденчето безгрижно и среќно детство.

-Да се надеваме дека оваа година ќе има многу бебиња, првороденото е женско бебе, еве веќе на 2 јануари имаме три породени бебиња и да се надеваме дека ова е добар знак дека ќе ни биде плодна и бериќетна годината, вели Ѓеорѓијев. Прашан дали годинава ќе има инвестиции во ова одделение и дали ќе имаат проблем со недостаток на медицинскиот кадар, Ѓеорѓијев рече дека сè уште немаат официјално добиено колкав ќе биде новиот буџет на болница.

- Во 2024 година можно е да имаме малку недостаток во делот на докторскиот кадар, ќе бараме начин и помош од други установи, да го анулираме тој недостаток, соопшти Ѓеорѓијев.

Причината за недостатокот е што и две лекарки – гинеколози во текот на оваа година чекаат принови и ќе заминат на породилно боледување. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан