• четврток, 19 декември 2024

ДЕА затвора две канцеларии во Кина додека агенцијата се бори да го спречи протокот на дрогата фентанил

ДЕА затвора две канцеларии во Кина додека агенцијата се бори да го спречи протокот на дрогата фентанил

Спрингфилд, 16 септември 2024 (МИА) – Американската управа за борба против дрога (ДЕА) планира да затвори две свои канцеларии во Кина додека агенцијата се бори да го запре протокот на фентанил од земјата што предизвика епидемија која уби стотици илјади Американци.

Иако се шпекулира со месеци, не е јасно зошто ДЕА ги затвора своите канцеларии во Шангај и Гуангжу, оставајќи ги само оние во главниот град Пекинг и Хонг Конг, ниту како тоа може да влијае врз нејзините напори за борба против трговијата со фентанил.

– Мораме да работиме со Кинезите и да ги натераме да помогнат да се запре протокот на хемикалии, рече Мајк Виџил, поранешен шеф за надворешни операции на ДЕА, додавајќи дека „е тешко да се развијат тие односи со помала застапеност во земјата“.

Иако Кина додаде десетици хемикалии кои го прават фентанил на својата листа на забранети супстанции, таа останува најголемиот извор на фентанил во светот, кој е причина за речиси 100.000 смртни случаи во САД годишно.

- Овие затворања ја одразуваат потребата да се користат ограничени ресурси на ДЕА за операции каде што можеме да направиме најголемо влијание во спасувањето на американските животи, изјави администраторката на ДЕА Ен Милграм на вработените минатата недела. Планот вклучува и затворање на десетина други канцеларии ширум светот.

Беа потребни години на американски барања пред Кина да се согласи да и дозволи на ДЕА да отвори канцеларии надвор од главниот град Пекинг во 2017 година.

Сепак, американски функционер запознаен со ситуацијата, кој зборувал под услов да остане анонимен, рекол дека соработката на Кина е главно симболична и оти агентите во теренските канцеларии се соочуваат со потешкотии во добивањето визи и бројни ограничувања, бидејќи односите на САД со Кина се влошени. јт/

Фото: ДЕА

Остани поврзан