• понеделник, 16 декември 2024

Двочасовен протест утре во националната Пошта

Двочасовен протест утре во националната Пошта

Скопје, 17 март 2024 (МИА) -  Синдикалните организации на Македонска Пошта најавија дека утре од 08:00 до 10:00 ќе одржат протест пред Дирекцијата и во сите подружници на националната Пошта, преку кој ќе побараат исплата на платата за минатиот месец и  решение за состојбата во поштенското претпријатие.

Според Синдикатот на Македонска пошта, поради алармантноста на состојбите и финансиската криза во која е доведена АД Пошта, вработените се загрижени за опстојување и иднината на Пошта, зачувување на работните места и егзистенција на нивните семејства.

-На протестот вработените ќе го изразат револтот и загриженоста од серизноста на состојбите во која е доведена АД Пошта предизвикани од финансиската криза, крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот. Работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15-ти во месецот, за февруари 2024 година доведувајќи г до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства,  наведува во пишана изјава претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигденов.

Револтот и стравувањата, дополнува Велигденов, се дотолку поизразени од крајно лошата финансиска состојба на друшвото и неизвесноста за редовна исплата на плата во нареден период .

-Комуникацијата со раководството е на многу ниско ниво, немаат слух за проблемите на своите вработени и не се придржуваат до договорените ставови, права и обврски. Сите досегашни средби со менаџментот не вродија со плод, односно немање спремност за реформирање и реорганизање на друштвот кое е повеќе од потребно, токму затоа принудени од актуелната ситуација, огромната неизвесност за иднината на нашата компанија и зачувување на работните места вработените – членови на синдикатите својот револт и незадоволство ќе го искажат на општ протест, стои во најавата за протестот.

Синдикатот најави дека утре во 10 часот по завршувањето на протестот пред Дирекцијата на Поштата ќе одржи прес-конференција.лв/

фото:МИА архива 

Остани поврзан