• среда, 27 ноември 2024

Две победи на кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ на домашен терен

Две победи на кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ на домашен терен
Крива Паланка, 6 ноември 2021 ( МИА) - Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ реализира две победи во исто толку натпревари на домашен терен одиграни денеска во спортската сала „Бранители 2001“.
Најпрво се одигра третолигашкиот, сениорски, дуел во кој домаќините од КК „Крива Паланка“ ја пречекаа екипата на „Ролинг“ од Струмица. На овој натпревар кривопаланчани настапија со релативно млад, развоен тим кошаркари што допрва ќе имаат збор на кошаркарската сцена во државата. Играчите од домашниот состав од кои најмладите со само 14 години, прикажаа одлична игра, добра одбрана и солидна реализација во нападот што по двете изедначени четвртини во првото полувреме, резултираа со двоцифрена предност во третата и конечна победа од 91:70 во мечот, прв за тимот на КК „Крива Паланка“ на домашен терен.
Младинскиот состав, кадетките на КК „Крива Паланка“, М-16 генерација, денеска го започнаа првенството, а стартот против врсничките од „Спорт тим“, Неготино, беше повеќе од одличен.
-Продолжуваме да вложуваме во младите таленти, препознатливи по нивната скромност и вредна работа. Денес по младинците од третолигашкиот тим, кои прикажаа одлична игра, голем успех остварија и нашите кошаркарки од кадетска конкуренција. Одличниот настап на Стојковска Инослава и Тамара, надополнети со играта под обрачот на Давитковска, Стојановска и Зиновиева, како и Јованова на бековската линија, беа пресудни за големата резултатска предност остварена уште во првото полувреме. Среќни сме што можност да поентираат и да се стекнат со искуство имаа и младите Станојковска и Груевска, што е поголем резултат од бројките на семафорот, изјави тренерот на КК „Крива Паланка“ и претседател на клубот, Ведран Белешковски.
Девојките од Крива Паланка ги поразија неготинки со 82-27. ид/мд/

Остани поврзан