• среда, 25 декември 2024

Две години под талибанците: „Како да живееш во кошмар“

Две години под талибанците: „Како да живееш во кошмар“

16 август 2023

Дојче Веле

„Да бидам искрена, се чувствувам како да живеам во кошмар. Тешко е да се разбере низ што минавме во последните две години“, вели 29-годишната Марјам Мароф Арвин. Таа живее во Кабул и е основач на добротворна организација за помош на жените и децата. Таа телефонски разговараше за ДВ.

По повлекувањето на меѓународните трупи од Авганистан, талибанците за само неколку недели успеаја да ја освојат целата земја. И покрај ветувањата дадени на почетокот на нивното владеење, кога рекоа дека ќе ги почитуваат правата на жените според шеријатскиот закон, талибанците во изминатите две години воведоа серија забрани кои драстично ги ограничуваат правата на жените и девојките. Тие се истиснати од јавниот живот, отстранети од образовните институции и пазарот на труд, а нивната слобода на движење е многу ограничена.

Последното предупредување пред падот на Кабул

„Она што не го разбирам е од каде дојде оваа надеж дека талибанците се промениле или дури станале подобри“, вели активистката од Кабул, Арвин. И таа додава: „Отсекогаш знаевме дека со талибанците на власт, повторно ќе изгубиме се што успеавме да постигнеме“. Дваесет дена пред да ја преземат власта, ние, активисти и претставници на граѓанското општество во Кабул, организиравме прес-конференција за уште еднаш да укажеме на нашата ситуација пред светската јавност. Тогаш рековме: погледнете ги областите под контрола на талибанците и видете како тие не ги почитуваат и газат правата на жените. Но, никој не сакаше да не слуша“.

Дури и пред нивното враќање на власт во Кабул, талибанците постепено успеаја да ја преземат контролата врз зголемените делови од рурален Авганистан. Таму каде што имаа моќ и авторитет, жените мораа да останат дома и да ги преземат традиционалните улоги на ќерки, сопруги или мајки, исто како и за време на нивното претходно владеење од 1996 до 2001 година. Во тоа време, на жените во Авганистан не им беше дозволено да учат, ниту да работат. Тие можеле да ја напуштат куќата само придружувани од машки членови на семејството. Ако жената се движела без придружба и се заканувале со камшикување.

Талибанците во 2021 година беа повнимателни отколку за време на нивното прво владеење во 1990-тите. Но, тие речиси не се разликуваа од талибанците од 1990-тите, изјави за ДВ поранешниот заменик-министер за мир во Авганистан, д-р Алем Алем. Министерството за мир беше задолжено за мировните преговори во Авганистан и беше распуштено откако талибанците ја презедоа власта.

Талибанците, вели тој, станале само поискусни и повнимателни. „Откако се вратија на власт, тие издадоа 51 забрана за жени, што е повеќе од една забрана месечно“, објаснува Алема. „Тие не објавија сè одеднаш, бидејќи не сакаа да ја исплашат меѓународната заедница. Во самиот Авганистан, на почетокот на нивното владеење, тие мораа да дејствуваат претпазливо, за да не се сврти населението против нив. Нивната моќ во тоа време сè уште не беше консолидирана“.

Американската влада „ги внесе талибанците во игра“

Во 2018 година, САД започнаа директни преговори со Талибанците. Да беше вклучена авганистанската влада и локалните експерти, сè ќе испаднеше поинаку, смета 59-годишната Алема, која моментално живее во Германија. САД и нивните партнери сакаа да го отворат патот за повлекување од конфликтот во Авганистан преку преговорите со талибанците одржани во Доха. Патем, дури и откако меѓународната коалиција успеа да го собори талибанскиот режим во 2001 година, тие продолжија да пружаат жесток вооружен отпор на авганистанската влада и странските единици. Бројни војници и цивили ги загубија животите во овој тековен конфликт.

Преговорите со талибанците доведоа до договор од 29 февруари 2020 година, со кој беше утврдена временска рамка за повлекување на американските трупи, како и на другите контингенти од НАТО. „Договорот од февруари 2020 година, меѓу другото, предвидува мировни преговори во Авганистан, при што талибанците требаше директно да преговараат со авганистанската влада“, објаснува поранешниот авганистански политичар. „Се подготвивме за тоа. Во Министерството за мир формирав неколку работни групи и развив упатства со претставници на невладини организации од секоја од 34-те провинции во земјата. Но, талибанците не покажаа никаков интерес да преговараат со нас. Тие знаеја дека САД ќе ја напуштат земјата и не беа подготвени да направат отстапки. САД ги внесоа во игра, под мотото: „Талибанците се сменија“, истакнува Алема.

Договор кој ја деморализираше државата

Директните преговори со САД обезбедија признание за талибанците. Тие во Доха потпишаа договор со САД кој требаше да донесе мир во Авганистан. Договорот го ослабна моралот на авганистанската армија и значително го намали нејзиниот отпор при последователните напредувања на талибанците. „Она што се случи во Авганистан во август 2021 година не беше воен триумф на талибанците, туку резултат на политичка одлука“, вели Кушал Асефи, новинар и поранешен извршен директор на радио-телевизиската станица „Ариана“. Тогаш Асефи секојдневно известуваше за настаните кои претходеа еден на друг. „Никој немаше увид во позадината на преговорите со талибанците. Се чинеше како западните земји да ја повлекоа поддршката за официјалната влада во тоа време“.

По преземањето на талибанците, Асефи мораше да ја напушти земјата. Како критички новинар, тој повеќе не ја гледаше својата иднина во Авганистан. „Настаните во последните две години го зајакнуваат верувањето дека земјата е препуштена на талибанците. Се чини дека веќе не е важно каков хаос предизвикуваат. Во најдобар случај, се објавуваат неколку критички изјави кои ја осудуваат политиката на талибанците. Авганистанското општество е деморализирано и исцрпено. Економијата е уништена и повеќе од 20 милиони луѓе живеат под прагот на сиромаштија. Луѓето сè уште се борат за обичен опстанок“.

„Да, многумина размислуваат само како да ја напуштат земјата“, потврдува Арвин, активистка за женски права од Кабул. „Разочарана сум што светската заедница и авганистанското општество капитулираа толку брзо. Полошо е отколку што се плашев. Но, авганистанското граѓанско општество има силно јадро кое нема да се откаже. Тоа јадро не треба да се потценува. Цврсто верувам во нас“, вели Мерјам Мароф Арвин.

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан