• вторник, 24 декември 2024

Двејн Џонсон: Политичките партии ме прашуваа за моја кандидатура за претседател на САД

Двејн Џонсон: Политичките партии ме прашуваа за моја кандидатура за претседател на САД

Лос Анџелес, 10 ноември 2023 (МИА) - Двејн Џонсон - „Карпата" откри дека неколку политички партии го контактирале минатата година околу можната негова кандидатура за претседател на САД, по анкета што покажала дека 46 отсто од Американците би го поддржале глумецот во политиката.

Како прв гостин на новата интернет-емисија на Тревор Ноа на „Спотифај“, актерот истакна дека анкета од 2021 година со 30.000 возрасни Американци - испитаници, поттикнала неколку повици од политичките партии.

- Тоа беше занимлива анкета и бев навистина возбуден поради тоа. Бев многу воодушевен и навистина почестен... На крајот на 2022., партиите ми пристапија и ме прашаа дали ќе се кандидирам и дали би можел да се кандидирам за претседател на САД, рече Џонсон.

Тоа за него било голема работа, но и „како од ведро небо“.

- Тие (јавувања, б.п.) беа едно по друго и се повикуваа на ова истражување... Што докажа дека ако некогаш тргнам по овој пат, навистина ќе може да бидам кандидат. Сѐ тоа ми е многу надреално бидејќи тоа никогаш не било моја цел. Оти, мојата цел никогаш не била да бидам во политиката. Всушност, има многу работи во политиката што ги мразам, објасни глумецот.

Џонсон се опишува себеси како „центрист“ и „политички независен“, но јавно ја поддржа кампањата на американскиот претседател Џо Бајден во 2020 година. А, изминатите години го споделуваше и својот личен интерес за можна кандидатура. Во 2016., тој за „Џи-кју“ изјави:

- Не можам да порекнам дека помислата да се биде гувернер, или претседател, е примамлива.

Потоа, за „Варајети“ (Variety) изјави дека негова претседателска кампања во 2024 година е „реална можност за разгледување“.

Како одговор на подоцнежната анкета од 2021 година, Џонсон на Инстаграм напиша: „Мислам дека нашите 'Татковци на нацијата' никогаш не ни помислувале дека ќелав, тетовиран полу-црнец, полу-Самоанец, страстен љубител на текила кој вози теренец и носи мајца со прерамки, ќе им се приклучи на нивниот клуб... Но, ако тоа некогаш се случи, би ми било чест да Ви служам Вам.“

И неговата полуавтобиографска серија „Младиот рок“ (Young Rock) ја спомнува неговата кандидатура за претседател на САД во 2032 година, при што Џонсон се глуми себеси во иднината. си/рп/

 

Остани поврзан