• четврток, 04 декември 2025

Два милиона лица погодени од рекордните поплави во Пенџаб, нивото на реките расте

Два милиона лица погодени од рекордните поплави во Пенџаб, нивото на реките расте

Исламабад, 31 август 2025 (МИА) - Источната пакистанска покраина Пенџаб се соочува со најлошите поплави во својата историја, изјави висок функционер во регионот, Меријам Ауранџеб, бидејќи нивото на реките достигна рекордни нивоа.

Американските медиуми пренесуваат дека во претходните месеци обилните врнежи и ненадејните поројни дождови предизвикаа ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во планинските области на север и северозапад од земјата.

Жителите на источен Пенџаб беа погодени од невообичаено обилни дождови и поплави што следеа откако Индија испушти вода од надојдените реки и преполните брани во низинските области на Пакистан.

-Ова е најголемата поплава во историјата на Пенџаб. Два милиони луѓе се погодени. За прв пат, трите реки: Сутлеџ, Ченаб и Рави, носат толку многу вода, рече министерката на Пенџаб, Меријам Ауранџеб.

Локалните власти ги користат училиштата, полициските и безбедносните објекти како центри за евакуација и спасување, а населението се евакуира и со брод, додаде Ауранџеб.

„Министерството за надворешни работи собира податоци за намерно испуштање вода од Индија“, рече таа.

Индија минатата недела го информираше Пакистан за можни прекугранични поплави, што е првиот јавен дипломатски контакт меѓу двете земји од кризата во мај, кога беа на работ на конфликт.

Пенџаб има клучна улога во земјоделството на Пакистан и е главен регион за производство на пченица, објаснуваат американските медуми.

Според Националниот метеоролошки центар на Пакистан, Пенџаб меѓу 1 јули и 27 август примил  26,5 проценти повеќе монсунски врнежи отколку  истиот период лани.

Сезоната на монсуни во Пакистан обично трае до крајот на септември.сд/

фото:ЕПА

 

 

Остани поврзан