• вторник, 24 декември 2024

Двајца загинати и повеќемина повредени при делумно уривање на хотел во Германија

Двајца загинати и повеќемина повредени при делумно уривање на хотел во Германија

Берлин, 7 август 2024 (МИА) -  Две лица загинаа, а неколкумина се повредени при делумно уривање на хотел во западниот германски град Кров, на реката Мозел. Според полицијата, под урнатините има уште тројца сериозно повредени, јави ДПА.

Во хотелот имало 14 луѓе кога еден од катовите на зградата се урнал синоќа околу еден час пред полноќ. Првично беа затрупани девет луѓе, откако останатите пет успеале навреме да ја напуштат зградата. Вкупно 31 лице во непосредната околина на оштетената зграда беа евакуирани.

Утрото, полицијата соопшти дека спасила четворица луѓе – двегодишно дете, две жени и уште едно дете. Нивната здравствена состојба не е прецизирана.

Полицијата на покраината Рајнланд-Пфалц соопшти дека операцијата е „исклучително напорна, бидејќи итните служби можат да влезат во зградата само со најголемо внимание“. Околу 250 припадници на итната помош, вклучително и специјалисти со дронови, пристигнале на местото на инцидентот, како и спасувачки кучиња.

- Целата структура е како куќа од карти, изјави портпаролот на локалната спасувачка служба Јорг Тојш.

На снимките од местото се гледаат срушени делови од повеќекатна зграда, при што на земјата има бетонски остатоци. Јавната телевизија SWR информираше дека пристигнатата противпожарна екипа првично не влегла во зградата поради опасност од нови уривања.

Засега не е позната причината за уривањето. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан