• сабота, 21 декември 2024

Дванаесет пакистански војници и шест талибанци загинаа во напад во Пакистан

Дванаесет пакистански војници и шест талибанци загинаа во напад во Пакистан

Исламабад, 20 ноември 2024 (МИА) – Најмалку 12 војници загинаа кога бомбаш самоубиец удрил со својот автомобил наполнет со експлозив во воен контролен пункт во северозападен Пакистан, соопшти денеска армијата.

Најмалку шест милитанти биле убиени во престрелката што следела по нападот и траела неколку часа во регионот Бану, се вели во соопштението на армијата.

Одговорноста за нападот ја презеде група поврзана со пакистанските талибанци, кои се различни од нивните авганистански колеги, но сакаат да ја соборат владата и да спроведат исламско владеење, пренесе ДПА.

Нападот се случи еден ден откако најмалку осум пакистански војници и девет милитанти беа убиени во престрелка во истиот регион што граничи со Авганистан.

Исламабад ги обвинува талибанските власти на Авганистан дека се попустливи или ги поттикнуваат пакистанските милитанти кои, наводно, изведуваат прекугранични напади од нивните планински скривалишта. Кабул ги отфрла обвинувањата како неосновани.

Насилството во Пакистан се интензивира откако Талибанците ја вратија власта во Авганистан во 2021 година и ослободија илјадници пакистански милитанти од авганистанските затвори.

Во Извештај на Обединетите нации и проценка на американското разузнавање се стравува дека пакистанските талибанци сега соработуваат со Ал Каеда за да и помогнат на групата да заживее во регионот. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан