• понеделник, 16 декември 2024

Дваесетина европски земји се вклучени во заедничката нарачка за испорака на муниција за Украина

Дваесетина европски земји се вклучени во заедничката нарачка за испорака на муниција за Украина

Брисел, 20 март 2023 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел објави дека денеска 17 земји од ЕУ и Норвешка се приклучија на заедничките јавни нарачка за набавка на муниција за Украина. Тој предвиде дека бројот на земји ќе надмине 20 и прецизираше дека засега некои земји треба да преземат дополнителни чекори пред да се приклучат.

- Се договоривме дека ќе бидат обезбедени една милијарда евра за покривање на трошоците на земјите од ЕУ веднаш да обезбедат муниција и проектили од 155 милиметри доколку тоа се побара. Овие количини се очекува да се обезбедат од залихи или од нарачки чие реализирање се очекува наскоро. Уште една милијарда евра ќе бидат обезбедени за заедничка јавна набавка на муниција од ист калибар. Планирано е и зголемување на можностите на европската одбранбена индустрија, објасни Борел по заедничката средба на европските министри за одбрана и за надворешни работи во Брисел.

Тој истакна дека ЕУ плаќа околу 55 отсто од вредноста на доставата. - Советот на ЕУ јасно стави до знаење дека Украина може да продолжи да смета на поддршка, рече Борел. Според него, од крајот на Студената војна, Европа ги намалила трошоците за одбрана на половина, а военото производство е намалено четири пати.

- Немам докази дека Кина и доставила или ќе испорача оружје на Русија, рече тој како одговор на прашање на прес-конференција. Не можам да претпоставам што ќе биде утре, но до денес нема податоци, а ако беше дадено оружје, ќе знаевме. Не исклучувам дека се подготвува, додаде тој. Според него, кинескиот предлог за Украина тешко може да се нарече мировен план. Борел ја потврди поддршката на ЕУ за планот предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски за праведен мир. ссм/

Остани поврзан