• вторник, 24 декември 2024

Да не се редуцираат средствата за капитални инвестиции, туку да се зголемуваат и идната година да бидат повисоки, бара бизнисот од Владата

Да не се редуцираат средствата за капитални инвестиции, туку да се зголемуваат и идната година да бидат повисоки, бара бизнисот од Владата

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Средствата за капитални инвестиции во Буџетот да не се редуцираат, туку да се зголемуваат и идната година да бидат повисоки, му порача денеска бизнис секторот на премиерот Христијан Мицкоски.

На средбата во Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) стана збор и за унгарскиот заем од 250 милиони евра за компаниите. 

Премиерот Мицкоски повтори дека прв и основен приоритет на Владата е да обезбеди повеќе пари во Буџетот, а тоа, рече, ќе се постигне ако коморите, фирмите и економијата воопшто, се поуспешни. Тој уште еднаш кажа и дека Владата останува партнер на бизнисот.

-Имавме добар состанок кој ни даде до знаење дека премиерот и во опозиција и во позиција разговара со нас. Опфативме многу теми важни за стопанството. Разговаравме за помошта од 250 милиони евра за која компаниите ќе имаат можност да аплицираат. Еден од битните моменти за фирмите се каматните стапки кои се високи, од 1 до 6 отсто и затоа верувам дека ќе учествуваме и ќе имаме пристап до овие средства. Разговаравме и за ребалансот за што ние имаме став - да не се редуцираат средствата за капитални инвестиции, туку да се зголемуваат и идната година да бидат поголеми зашто стопанството има профит во тој дел. По еден месец од оваа Влада се радуваме дека е насочена кон стопанството. Соработката проолжува, изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќира.

И Мицкоски го оцени како плоден и конструктивен состанокот со Комората.

-Имавме навистина содржаен состанок и мислам дека бевме запознаени со сите предизвици со кои се соочуваат компаниите. Наш главен приоритет и примарен интерес е колку повеќе ќе има приходи во Буџетот, толку повеќе ќе има инвестиции во образованието, здравството, повисоки пензии, повисоки плати, во земјоделството, културата, спортот, инфраструктурата,... Како Влада се насочивме жестоко да работиме заедно со компаниите и да ги помагаме за побрзо да растат. И во таа насока денеска разговаравме за оној заем што веќе го земавме од половина милијарда евра, односно заем со кој имаме заемна согласност од унгарската Влада што треба сега да биде и официјално потпишан, па потоа преку закон да биде ефектуиран во рамки на Парламентот и како сето тоа ќе функционира за поддршка на економијата. Условите се тие, 3,35 проценти фиксна каматна стапка, 15 години, три години грејс период, 12 години рок на отплата, тоа што државата го зема, тоа го дава на стопанството, рече премиерот.

Тој повтори и дека ќе се разговора со комерцијалните банки дали како опција таму ќе се пласира заемот или ќе се пласира на друг начин.

- Сепак е важно дека не сакаме да биде оптоварен овој кредит со дополнителни услови, бидејќи цениме дека е поволен. На пазарот е можеби со двапати поповолни услови од тоа што може да се обезбеди од комерцијалните банки и цениме дека на овој начин можеме да го помогнеме стопанството. Втора поента и тема што ја разговаравме се инфраструктурните проекти, каква е иднината и кои се нашите планови. Од страна на Комората беше потенциран и фактот околу минималната плата, се зборуваше и за земјоделството. Ценам дека беше навистина исклучително плодна дискусијата. Мојата порака е дека треба заедно да работиме и дека како Влада сме целосно на услуга на бизнисот. Бизнисот треба да иницира, да предлага и заедно во еден дијалог да ги надминеме тие работи. Ние ја неимаме онаа пракса од претходните влади во свечената сала, во рамките на зградата на Владата да ги собереме сите комори и таму да кажеме половина час што мислиме и да си заминеме и да дадеме изјава. Затоа, одиме кај коморите и ќе продолжиме да одиме да разговараме, да слушаме идеи и тоа да го примениме. Ќе повторам, прв и основен приоритет е да обезбедиме повеќе пари во буџетот затоа што ваков каков што е тој, ограничен е. Колку коморите и компаниите и економијата се поуспешни, толку ќе има повеќе средства за сите други области што се потребни, нагласи Мицкоски.

Прашан за барањето на Комората да се намалат придонесите за да може да се покачи минималната плата, Мицкоски рече дека оваа идеја се разгледувала и додека ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција.

- И тогаш тоа го разговаравме. Денеска дадовме наши аргументи на кои се темели нашата загриженост. Тука, пред се, се мисли на делот поврзан со колективните договори, инфлацијата,... Но, секако дека во иднина мораме да најдеме начин како да обезбедиме повеќе луѓе што ќе бидат активни на пазарот на труд, бидејќи денес гледаме како ни опаѓа бројот на вработени, а од друга страна невработеноста се намалува. Тоа не значи дека е задоволена потребата од работници на пазарот на труд и тука треба да најдеме начин во оние стотина илјади луѓе кои се уште се невработени, како да ги преквалификуваме, да најдеме начин да ги мотивираме и да ги понудиме на пазарот на труд и мислам дека во периодот што следи ќе успееме во таа насока, истакна Мицкоски. мч/бак/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан