• сабота, 23 ноември 2024

Данскиот пратеник Карстин Хонге на средби со Мисовски, Мицевски, Зендели и со членови на КЕП

Данскиот пратеник Карстин Хонге на средби со Мисовски, Мицевски, Зендели и со членови на КЕП

Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - Заменик-спикерот на Президиумот на данскиот Парламент, Карстин Хонге, денеска оствари неколку средби со пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Во рамки на посетата на земјава, Хонге се сретнал со потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со пратеникот на Беса, Фадил Зендели и со членови на Комисијата за европски прашања.

- Акцентот на средбите беше ставен на процесите за влегување во НАТО и за отворање на преговорите за членство во ЕУ, при што данскиот пратеник од Зелено – левата партија нагласи дека се восхитува на трпението и на храбрста на земјава на патот на евроатлантската интеграција, информираа од собраниската прес-служба.

На средбата со Мисовски, на која присуствувала и пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин, Хонге изразил задоволство за членството на Северна Македонија во НАТО и, во тој контекст, за придонесот на нашата земја за мирот и стабилноста на Европа.

Во однос на евроинтеграцискиот процес, Хонге забележал дека позицијата на Данска е дека Западен Балкан е добредојден во ЕУ, за што, како што рекол, не треба да претставуваат проблем јазикот или идентитетот, туку треба да се постигнат критериумите во делот на заштитата на човековите права, демократијата, владеењето на правото...

Мисовски, се наведува во соопштението, рекол дека земјава стана членка на НАТО откако го надмина долгогодишниот проблем со Грција со името, но дека сега се соочува со проблемот со Бугарија во очекување на отворањето на поглавјата од преговорите со ЕУ, за што се потребни уставни измени.

Пратеничката Морачанин истакнала дека Северна Македонија е меѓу првите земји што дадоа поддршка на заедничката надворешна политика на ЕУ во однос на руската агресија на Украина. Таа изразила надеж дека земјава наскоро ќе почне да ги отвора поглавјата од преговорите со Унијата, бидејќи, како што рекла, со оглед на долгото чекање, почнува да се засилува евроскептицизмот.

На средбата со членови од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Мицевски истакнал дека процесот на ЕУ-интеграција се темели на почитување на Копенхашките критериуми и на исполнување на реформите.

Мицевски го информирал данскиот пратеник за позициите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на актуелната политичка состојба во земјава, посочувајќи дека партијата се уште чека одговор на два предлози што ги даде партијата.

Пратеникот Фадил Зендели, пак, посочил дека нашата земја се соочува со внатрешни, но исто така и надворешни предизвици. На средбата се дискутирало за проблемите и спорот со Бугарија. Како што стои во соопштението, Зендели смета дека блокадата е непотребна и треба да се реши заради патот кон ЕУ.

На заедничката средба на Комисијата за европски прашања со Хонге, биле споделени мислења во однос на евроинтегративниот процес во особено значаен период кога се одбележува 30. годишнината од Копенхашките критериуми.

Арбер Адеми, претседател на Комисијата истакнал дека со Кралството Данска имаме добри пријателски односи на сите полиња, воедно изрази благодарност и за континуираната поддршка на проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан.

- Уставните измени се наша заедничка обврска и на позицијата и на опозицијата, тие се и наша заедничка одговорност, пред граѓаните, дали ќе го продолжиме нашиот пат кон ЕУ или ќе застанеме и нема да го поминеме мостот кој води кон Европската унија, рекол Адеми во однос на уставните измени.

Хонге од своја страна рекол дека не е само да се исполнат критериумите за ЕУ, туку и да се спроведат и одржат понатаму. цр/лв/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан