• вторник, 26 ноември 2024

Данскиот парламент го отфрли предлогот за признавање на палестинска држава

Данскиот парламент го отфрли предлогот за признавање на палестинска држава

Копенхаген, 28 мај 2024 (МИА) - Данскиот парламент денеска го отфрли предлог-законот за признавање на палестинска држава, јавија британските медиуми.

Ирска, Шпанија и Норвешка денеска официјално ја признаа палестинската држава, откако минатата недела објавија дека ќе го сторат тоа, а Израел нивниот потег го нарече „награда за тероризмот“ и ги повлече своите амбасадори.

Данскиот предлог-закон беше поднесен во февруари од четири левичарски партии.

-Не можеме да признаеме независна палестинска држава и единствената причина е што предусловите за тоа навистина не постојат, рече данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен за време на првата дебата за предлогот во парламентот во април.

„Не можеме да ја поддржиме оваа резолуција, но посакуваме еден ден да можеме“, додаде тогаш Расмусен, кој не беше присутен на денешното гласање.

По нападот на Хамас на 7 октомври што ја предизвика израелската воена кампања во Газа, Данска соопшти дека Израел има право да се брани, но неодамна ја повика израелската страна да покаже воздржаност и рече дека мора да се придржува до меѓународното право.

Даблин, Мадрид и Осло ја претставија одлуката за признавање како чекор насочен кон забрзување на напорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа и ги повикаа другите земји да го следат примерот.

Девет од вкупно 27 земји-членки на Европската унија ја признаваат државата Палестина. Осум од нив го сторија тоа пред да се приклучат на Унијата, дури и откако палестинскиот лидер Јасер Арафат ја прогласи Палестина за независна држава на 15 ноември 1988 година - Малта, Кипар, Чешка и Словачка (до 1993 година Чехословачка), Унгарија, Романија, Бугарија и Полска. По нив во 2014 година следеше Шведска, која стана првата земја што ја призна Палестина по пристапувањето во ЕУ.сд/

Остани поврзан