• петок, 22 ноември 2024

Дамевски: Државата мора да ја надмине политиката на популизам во културата

Дамевски: Државата мора да ја надмине политиката на популизам во културата

Скопје, 8 септември 2024 (МИА) – Кај нас долги години се води политика на популизам кога е во прашање финансирањето на проекти од културата. Но, државата мора да најде модус и да избере што е најважно во тој момент, што најдолгорочно ќе даде некаква видливост за земјата. Се знае каде мора да ги ставите парите, не можете на сите, вели во интервју за МИА Симеон Мони Дамевски, директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој годинава слави 45 години. 

Како менаџер на Фестивалот во последните четири години, Дамевски вели дека неговата цел е „Браќа Манаки“ да го промовира и стави во фокусот на светската кинематограферска фела, обидувајќи се притоа преку привлекување на големи светски компании како спонзори да придонесе кон самоодржливост на манифестзцијата и да се намали зависноста од државното финансирање.

- Буџетот на нашиот фестивал, 40 проценти доаѓа од Владата, преку Министерството за култура се префрлаат на Агенцијата за филм од каде ние преку конкурси обично добиваме околу 40 проценти, а околу 60 проценти се финасира со помош од Општина Битола и сопствени средства. Годинава, малку сме симнати на околу 30 проценти од Агенцијата за филм, ама разбираме дека состојбата во земјата е тешка, сите мора да ги стегнеме каишите. Тоа е мојата филозофија зашто јас не гледам од денес за утре, туку од сега за четири години, вели Дамевски. 

Подвлекува дека „Манаки е олимпијада или светско првенство за кинематограферите“. 

- Ова што ќе го кажам ќе ме направи непопуларен кај некои од моите пријатели и колеги кои се занимаваат со филмски фестивали. Кај нас долги години се води една политика на популизам и ова не го кажувам како директор на фестивал затоа што јас веќе нема да бидам, ќе дојде некој друг. Ние се менуваме, некој не се согласува со политиката, директорот си оди. За парите некогаш е невкусно да се зборува, ова го правиме од љубов. Јас го видов потенцијалот на овој фестивал. Некој ќе верува, некој можеби нема да верува дека го правиме од љубов, но тројца луѓе го туркаме фестивалот цела година ..Манаки е олимпијада или светско првенство за кинематограферите. Да немаме илузии, не постои друга институција од овој тип во светот на филмската уметност или фестивали како овој, посочува Дамевски.

Укажува дека значајни културни манифестации, брендови на македонската култура, се изгубени поради популистичкиот пристап во распределувањето на финансиската поддршка во културата. 

- Агенцијата за филм дава пари на сите фестивали, но имате фестивали што се образовни, фестивали што се туристички, филозофски....  Разбирам дека сите мора да живеат, но мора да најдеме модус што е филмска уметност, што ќе финансираме. Изгубивме страшни државни манифестации, некои беа приватни, некои државни. Заради финансирање го изгубивме Џез фестивалот, ја изгубивме Универзална. Државата почна да ги секнува фондовите и ние немаме во Скопје каде духовно да се збогатуваме и надградуваме. Струшки вечери на поезијата, вториот наш голем фестивал, на кој што сум одел како дете, не е уништен, но можеби е деградиран. Ние бевме по мое знаење најголемиот фестивал на поезија во светот. Јас сум рецитирал поезија како студент. Биле Еуџенио Монтале, Алан Гинсберг.., значи најголемите поети во светот доаѓале во Струга, јас сега не можам да разберам кога има Струшки вечери на поезијата, вели Дамевски. 

На прашањето што предлага, тој е категоричен дека државата мора да изнајде решение што ќе ги поддржи вистинските вредности.

 - Се разбира, државата мора да одлучи за ние да продолжиме по својот пат и да почнеме да го враќаме угледот во светот и да ги негуваме овие вредности. Вие можете дома кога ќе имате буџетот, парите да ги фрлите на јадење, на шетање, на гардероба но мора да мислите што ви е најважно во тој момент, што ќе даде плод в година да биде поголемо, позначајно и да бидете попознати, бидејќи зборуваме за култура. Се знае каде мора да ги ставите парите, не можете на сите. Кога ќе распрснете тоа е ништо, само се разводнува, смета првиот човек на „Браќа Манаки“. 

Прашан дали очекува поддршка и слух за овие сугестии кај најодговорните, кај министерот за култура кој доаѓа од фелата, тој одговара со воздржан оптимизам.

- Имам големи надежи. Морам да признаам, не сум политички определен, но прв пат гледам некаква надеж во таа насока. Не би знаел да ви кажам што ќе се случи, сум бил изневеруван од политичарите во оваа земја, живеам од 2010-та, поконстантно од 2011-та година, значи 13 години. Нема гарнитура која не ме разочарала во своите ветувања и со тоа што го реализирале. Ова ми делува, морам да признаам, како најсериозната по тоа што го слушам. Оној момент кога ќе почнам да гледам, ќе ви кажам дали верувам или неверувам. Очекувам, вели Дамевски. 

Во видео интервјуто што подолу е објавено во целост, директорот на ИФФК најавува меѓу 300 до 450 гости на годинашното 45. издание на Фестивалот. На Фестивалот се очекува да бидат присутни претседатели и претставници на бројни национални и меѓународни кинематограферски организации (од САД, ОК, Италија, Франција, Шпанија, Австралија, ИМАГО...) реномирани светски познати кинематографери, кои работат со големи буџети. Во интервјуто, Дамевски се осврнува и на улогата на „Браќа Манаки“ како место за промоција на талентирани кинематографери, како и за се поголемата застапеност на жените во улога на кинематографери и режисери.

Виолета Геров

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Владо Рабасовиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан