• понеделник, 23 декември 2024

Дамевски: „Браќа Манаки“ редовно ги има поднесено сите извештаи во Агенцијата за филм, не поддржувам криминално работење

Дамевски: „Браќа Манаки“ редовно ги има поднесено сите извештаи во Агенцијата за филм, не поддржувам криминално работење

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски денска одговорајќи на новинарско прашање во врска со извештајот на работната група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм формирана од поранешната министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, посочи дека „Браќа Манаки“ уредно и редовно ги има поднесено сите извештаи во Агенцијата.

Тој е на ставот дека извештајот е нарачан од министерката за култура, во нејзините битки против одредени членови на Друштвото на филмски работници.

- Не сум го видел Извештајот. Го читаа мои познаници и советници. Немам време да читам 41 страна на Извештај кој што е нарачан. Она што не е вистина е дека „Браќа Манаки“ нема поднесено извештаи. „Браќа Манаки“ уредно и редовно ги има поднесено сите извештаи во Агенцијата за филм. Јас лично ги потпишувам, рече Дамевски на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

Тој посочи дека нивните извештаи се уредно предадени и дека постои постапка како се предаваат. Единствената кочница е, како што рече, што Агенцијата за филм нема доволно луѓе да ги прегледа извештаите и навремено да ги одобруваат или враќаат со одредени забелешки.

- Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е сопственик на лиценца за фестивалот на „Браќа Манаки“. Друштвото на годишно Собрание избира директор на фестивалот, кој што може да е, а не мора да член на Друштвото. Финансиските извештаи за кои одговарам лично, одат на Собранието на ДФРМ, се одобруваат ако се уредно направени и потоа се предаваат во Агенцијата за филм. Ние се имаме предадено уредно. Единствената кочница е што Агенцијата за филм нема доволно луѓе да ги прегледуваат извештаите, рече Дамевски.

Тој информираше дека фестивалот „Браќа Манаки“ е поддржан од Агенцијата за филм со 30 отсто од вкупниот буџет. Сите останати средства ги обезбедуваат од други извори, во голем дел од приватни спонзори.

-Моливи и пенкала се купени од спонзорски пари. Тоа се моливи и пенкала кои се печатирани како и на секој фестивал за подарок, за кои водевме сметка да бидат еколошки изработени. Ова што се случува се обиди да се пресметаат две страни, кои мора да ги прашате лично зошто и како се пресметуваат, додаде Дамевски.

Тој напомена дека не поддржува криминално рабоење и напомена дека во изминативе три години Фестивалот ги има вратено сите претходни долгови.

-Не поддржувам какво било криминално работење и ако има каква било забелешка или незаконски работења на Фестивалот лично одговарам, по својот договор со Друштвото на филмски работници. Во изминативе три години Фестивалот ги има вратено сите претходни долгови. Имаме задржано резерви со кои благодарение на тие резерви, успеваме да опстанеме во овие услови во кои Фестивалот добива само 80 проценти секоја година од средства кои се неопходни за работа, додаде Дамевски.

Инаку, внатрешната ревизија на Министерството за култура утврди дека 39 проекти добиле околу 813.000 евра, а не снимиле филмови, дека се толерирани фалсификувани документи од повластени продуценти, дека се местени конкурси од лица со судир на интереси, незаконски исплати на пари кон ДФРМ, не биле поднесувани финанасиски извештаи за Фестивалот „Браќа Манаки“ и дека незаконски се извлекувани преку фестивалот „Златна рамка“.

Контролата била извршена во текот на април и мај 2024 година. бт/дма/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан