• понеделник, 23 декември 2024

Дамева: Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има, за корумпираните судии компромис нема

Дамева: Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има, за корумпираните судии компромис нема

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има, вели Весна Дамева по вчерашната седница на Судскиот совет, за која рече дека е чин кој за некои најверојатно е завршница на претходните дејствија и нема ниту правна ниту законска основа. 

-Судскиот совет беше блокиран изминатите денови, мое мислење е дека истото е со цел да се обезбеди потребното мнозинство за мое разрешување и за избор на нов претседател. Целата оваа ситуација стана предмет на јавен интерес. Но, и покрај тоа, Судскиот совет одлучи да ја исклучи јавноста, со што ја лиши од правото да знае што се случува зад затворените врати во оваа важна институција која треба да се грижи за самостојноста и независноста на судството. Пред да ја напуштам салата за да не бидам учесник во понатамошните дејствија, јасно укажав дека јавноста не смее да биде исклучена и остро се спротивставив на тоа, посочува Дамева во изјава за Дојче Веле.

Таа прашува чиј интегритет се штитеше зад затворените врати и што се крие зад „вистинските“ причини за нејзиното повторно разрешување без присуство на јавноста, со, како што наведува, грубо прекршување на сите правила и процедури. 

Дамева истакнува дека останува доследна на нејзината изјава на денот на нејзиниот избор за претседател на Судскиот совет дека за корумпираните судии нема место во судовите.

-Од оваа заложба не отстапувам и токму поради тоа останувам да бидам член на Судски совет, се додека не се обидат да ме „отстранат“ и од таа позиција. За корумпираните судии компромис нема. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава во која владее правото, а државата заслужува самостојно и независно судство, децидна е Дамева во изјавата.

На 26 април Адеми во присуство на Дамева, по неколку часа тензии и караници на седница во Советот го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за нејзино разрешување со кревање рака. За разрешувањето на Дамева гласаа седум членови - Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска, по што заменик-претседателот констатира дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата.

За постапката за разрешување на Дамева Коалицијата „Сите за правично судење“ изготви извештај во кој меѓу другото се наведува дека престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од Законот за Судски совет за која мора да се спроведе дизциплинска постапка, а по сето тоа за да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за истата мора да гласале најмалку 8 члена со
право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето не учествуваат во гласањето.

-Поради ова, Судскиот совет не можел да донесе одлука за разрешување од функцијата претседател на Судски совет без да донесе одлука за разрешување на членот како член на Судски совет, односно не ја испочитувал процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и претседателот на Судски совет, како и ја донел одлуката со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, одлуката ја донел со 7 гласа „за“, од кои еден бил и глас на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување, нагласуваат од Коалицијата.

Судскиот совет вчера попладне на Седницата која ја најави 15 минути пред почетокот со осум гласа „за" и четири „против" го избра судијата Сашко Георгиев за нов претседател, откако претходно на две нејавни седници го „расчистил“ патот за излез од состојбата во која се најде со одуката од 26 април годинава за разрешување од функцијата на претходната претседателка Весна Дамева.

Разрешувањето на Дамева предизвика реакции во јавноста и кај експертите во правосудството дека всушност станува збор за непочитување на процедурата и Деловникот, а со став излегоа претседателот на држвата, пратеници во Собранието, ДКСК, Министерството за правда...бк/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан