• сабота, 23 ноември 2024

Давидовски: Следната сезона ќе се борам за трофеј

Давидовски: Следната сезона ќе се борам за трофеј

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) – Македонскиот автомобилист Виктор Давидовски комплетираше уште една сезона во највисокото по ранг автомобилско натпреварување на кружни патеки во Европа, продолжувајќи ја низата на резултати со кои се етаблираше во елитната дивизија на туринг трките.

- Можеби ќе прозвучи нескромно, но како возач секогаш се атакувам на највисоките позиции, па имав уште повисоки стремежи. Сепак, лошата среќа на стартот од сезоната кога имав неколку малери по ред, како избуткувањето во Португалија додека бев на трето место, скината гума во Франција додека бев на второ место, како и други инциденти во кои бев оштетен, на некој начин ми ја ускратија можноста да се борам за титулата. Соработката со врвните инженери и механичари од „Comtoyou“ и Ауди ми овозможи да напредувам како возач и да бидам постојано меѓу водечките, но за жал поради грешки на други возачи, најмногу што можев да освојам беше четвртото место. Ова беше уште едно искуство од кое ќе извлечам нови поуки, а се надевам дека во 2024 година повторно ќе бидам во можност да се борам за победи и трофеи, па да го подобрам овој резултат,- изјави македонскиот возач

На Гран при викендот во Барселона тој имаше осмо место во квалификациите, па првата трка ја заврши на осмото место, додека во втората кога првите десетмина стартуваа по обратен редослед, македонскиот возач беше удрен од ривалите во борба за третото место. И покрај тоа, на крајот Давидовски го освои четвртото место во генералниот пласман, веднаш зад тројцата возачи кои се бореа за шампионската титула, која на крајот му припадна на холандскиот автомобилист, Том Коронел.

Давидовски на крајот го освои 4. место во генералниот поредок на Европското ТЦР првенство, постигнување какво што немало досега во историјата на македонскиот автомобилизам. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан