• понеделник, 16 декември 2024

Г7 го повикува Израел да ги почитува човековите права во Газа, да се воздржи во Рафа

Г7 го повикува Израел да ги почитува човековите права во Газа, да се воздржи во Рафа

Бари, 14 јуни 2024 (МИА) - Лидерите на седумте водечки светски индустријализирани демократии го повикаа Израел да ги почитува човековите права во војната во Газа и да се воздржи од голема офанзива во Рафа во последната декларација по самитот на Групата седум во јужна Италија. 

Тие најостро го осудија нападот на палестинскиот исламистички Хамас на 7 октомври, заедно со стратегијата на групата да користи цивили како штит.

-Израел мора да го почитува меѓународното право и човековите права во својата воена акција против Хамас. Длабоко сме загрижени од последиците врз цивилното население од тековните копнени операции во Рафа и можноста за целосна воена офанзива, се вели во декларацијата.

Во декларацијата ја повикуваат владата на Израел да се воздржи од таква офанзива.

Конечната декларација, исто така, ги повика сите инволвирани страни да дозволат непречен пристап до хуманитарна помош, молба упатена особено кон израелското раководство, кое одби да ги отвори граничните премини кон Појасот Газа за испорака на помош во последните месеци.

Декларацијата на Г7 ја критикува и израелската доселеничка политика на палестинските територии.

Претходно, Г7 се обврза на трифазниот план претставен од американскиот претседател Џо Бајден минатиот месец, предвидувајќи целосен и неограничен прекин на огнот од шест недели како прв чекор од трите. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан