• среда, 27 ноември 2024

Гутереш: Придржувајте се до принципите во Украина и Газа без двојни стандарди

Гутереш: Придржувајте се до принципите во Украина и Газа без двојни стандарди

Брисел, 21 март 2024 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска, по пристигнувањето на самитот на Европскиот совет, изјави дека „во хаотичен свет, со суперсили во конфликт“ важно е да се придржуваме до принципите, како во Украина, така и во Појасот Газа, без двојни стандарди.

„Живееме во хаотичен свет, со суперсили во конфликт една со друга. Имаме ситуација на неказнивост, каде која било земја или која било вооружена група мисли дека може да прави што сака, бидејќи нема одговорност. И кога живееме во хаотичен свет, многу е важно да се држиме до принципите“, рече Гутереш во Брисел.

Тој додаде дека принципите се јасни: Повелбата на Обединетите нации, меѓународното право, територијалниот интегритет на земјите и меѓународното хуманитарно право.

„Ова е причината зошто сметаме дека е неопходно да има мир за Украина, но мир во целосна согласност со принципите, што значи мир со почитување на повелбата, меѓународното право и територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Тоа е причина зошто веруваме, од истите причини, дека ни е потребен прекин на огнот во Газа“, нагласи Гутереш.

Тој ги осуди терористичките напади од 7 октомври и другите, како што наведе, прекршувања на меѓународното хуманитарно право од страна на Хамас, но и „фактот дека сме сведоци на бројни цивилни жртви во Газа“, што е без преседан во време кога тој е генерален секретар.

„Основниот принцип на хуманитарното право е заштитата на принципите. Мораме да се придржуваме до принципите и во Украина и во Газа, без двојни стандарди“, рече Гутереш.

Тој додаде дека светот мора да се притисне себеси за прогресивно да премине кон некоја уредна форма на мултиполарност со силни мултилатерални институции. „Постои само еден фундаментален начин да се има мултиполарен свет. Тоа е со лидерство на силна и обединета ЕУ. Силно апелираме до ЕУ да игра многу активна улога во однос на централните прашања, егзистенцијалните прашања кои се закануваат на денешниот светот“, рече Гутереш и како пример ги наведе климатските промени, неконтролираниот развој на вештачката интелигенција и длабоките нееднаквости со кои се соочува светот. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан