• вторник, 24 декември 2024

Гутереш му испрати писмо на Путин за продолжување на Договорот за извоз на украински житарки

Гутереш му испрати писмо на Путин за продолжување на Договорот за извоз на украински житарки

Њујорк, 25 април 2023 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го предложи „патот по кој треба да се оди“ за продолжување на Договорот за извоз на украински житарки, изјавија неговите претставници синоќа, по неговиот состанок со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Гутереш му врачи на Лавров „писмо до претседателот Владимир Путин, во кое тој го опиша патот што треба да се следи за да се подобри, продлабочи и прошири“ договорот потпишан во јули 2022 година, кој, и покрај конфликтот, дозволува извоз на украински житарки преку Црното Море, се наведува во соопштението за медиумите.

Слично писмо е испратено и до „другите двајца потписници“ на овој договор, Украина и Турција, што се смета за клучен за безбедноста на храната во светот.

„Иницијативата за извоз на црноморско жито“ на 19 март беше продолжена по втор пат. Но, Русија тогаш побара продолжување од 60 дена, а не премолчено од 120 дена, наведувајќи го своето незадоволство од спроведувањето на дел од договорот за извоз на нејзините земјоделски производи и вештачки ѓубрива, што се уште е блокиран поради западните санкции.

Генералниот секретар на ОН „ја забележа загриженоста на Руската Федерација“ во врска со имплементацијата на договорот за извоз на нејзините прехранбени производи и вештачки ѓубрива и „даден е сеопфатен извештај за постигнатиот напредок во овој поглед“, наведуваат неговите служби, нагласувајќи дека ОН „ќе продолжи да работи“ со цел „да ги реши преостанатите проблеми“.

„Досега нема голем напредок“, прокоментира Сергеј Лавров во соопштението за печатот на неговото министерство, изразувајќи жалење за недостатокот на „волја на западните земји навистина да направат се што е потребно за успешно применување“ на двете поглавја од договорот. .

„Ќе ги проучиме предлозите што (генералниот секретар) ни ги испрати во писмото“, додаде тој. сд/

Остани поврзан