Гутереш го поздрави усвојувањето на планот за Газа на Трамп во СБ на ОН
- Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска го поздрави усвојувањето на резолуцијата за Газа во Советот за безбедност на ОН, со која се поддржува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во палестинската енклава, укажувајќи дека тоа е важен чекор во понатамошната примена на мировниот план.
Њујорк, 18 ноември 2025 (МИА) – Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска го поздрави усвојувањето на резолуцијата за Газа во Советот за безбедност на ОН, со која се поддржува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во палестинската енклава, укажувајќи дека тоа е важен чекор во понатамошната примена на мировниот план.
- Сега е неопходно дипломатскиот замав да се преточи во конкретни и итно потребни чекори на терен, наведе Гутереш и истакна дека ОН се посветени на зголемување на испораките на хуманитарна помош за Појасот Газа.
Тој истакна дека е важно да се продолжи напредувањето кон втората фаза од планот на Трамп за Појасот Газа, што води, како што наведе, кон политички процес за постигнување решение за две држави меѓу Израел и Палестинците.
Советот за безбедност на ОН усвои резолуција, составена од САД, со која се поддржува планот на Трамп за ставање крај на војната во Газа и овластување за распоредување на меѓународни стабилизациски сили во палестинската енклава.
Усвојувањето на резолуцијата за Газа во СБ на ОН го поздрави и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, наведувајќи дека мировниот план на Трамп ќе помогне во ставање крај на власта на палестинската милитантна група Хамас.
Хамас ја отфрли резолуцијата наведувајќи дека резолуцијата не ги исполнува правата и барањата на Палестинците, како и дека се обидува да наметне „меѓународно старателство над енклавата“, на што се противат и Палестинците и фракциите на палестинскиот вооружен отпор. јт/
Фото: МИА архива