„Гугл“ најави новитети на „Мапс“, првично опфатени американските национални паркови
- Новитетите за помош ќе вклучуваат и слики и видеа од позначајните знаменитости, како и фотографии направени од други посетители. Корисниците ќе се информираат и за тежината на патеката, како и тоа - дали е посоодветна за пешачење, трчање или возење велосипед.

Лас Вегас, 13 април 2023 (МИА) - „Гугл“ подготвува надградба на својата апликација „Мапс“, што ќе вклучува поподробни податоци, првично - за американските национални паркови, со цел полесно движење и помош во ориентација во просторот.
Во иднина, „Гугл мапс“ ќе означува цели патеки од почеток до крај, наместо само да прикажува „иглички“ за локација. Новитетите ќе вклучуваат и слики и видеа од позначајните знаменитости, како и фотографии и снимки направени од други посетители. Ќе има и достапни коментари од други луѓе кои веќе ги посетиле парковите и патеките. Корисниците ќе се информираат и за тежината на патеката, како и тоа - дали е посоодветна за пешачење, трчање или возење велосипед, каде е најблискиот јавен тоалет и слично...
Во САД, новата програма „Мапс“ ќе биде достапна за преземање подоцна овој месец. Ќе важи за националните паркови во САД, но сe планира и проширување ширум светот.
Оние кои сакаат виртуелно да го истражуваат кој било национален парк, тоа може да го прават и преку „Гугл стрит вју“ опцијата. си/паг/
Фото: МИА архива