• сабота, 14 февруари 2026

Гувернерот Славески на конференција во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици

Гувернерот Славески на конференција во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици

Скопје, 13 февруари 2026 (МИА) - Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествува на конференцијата на гувернерите од Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент, соопшти денеска прес-службата на Народната банка. 

Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.

На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.

- Во рамките на настанот се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент - соопшти Народната банка.лв/са/

фото: Народна банка 

Остани поврзан