• вторник, 26 ноември 2024

Гуалтиери: Мојот сон е во 2030 заедно да прославиме, Рим за ЕКСПО - 2030, Северна Македонија за ЕУ

Гуалтиери: Мојот сон е во 2030 заедно да прославиме, Рим за ЕКСПО - 2030, Северна Македонија за ЕУ

Скопје, 4 септември 2023 (МИА) -  Мојот сон е дека во 2030 ќе можеме заедно да прославиме, Рим за ЕКСПО 2030, а Северна Македонија како членка на ЕУ, затоа да работиме заедно за да ги постигнеме овие цели, порача денеска римскиот градоначалник, Роберто Гуалтиери на настанот во Скопје организиран од Италијанската Амбасада и Делегацијата на ЕУ, на кој беше презентирана кандидатурата на Рим за ЕКСПО 2030 година.

Гаултиери посетата на Скопје ја оцени како одлична, напоменувајќи дека имал повеќе средби на кои се говорело за римскиот проект за ЕКСПО 2030, но станало збор и за преземање конкретни чекори за соработката помеѓу Рим и Скопје, но и меѓу Италија и Северна Македонија.

-Потпишавме Меморандум за разбирање, договор за соработка помеѓу Рим и Скопје во повеќе полиња – култура, бизнис, административна соработка затоа што мислам дека денес се соочуваме со истите предизвици и имаме многу да си кажеме, и мислам дека има огромен потенцијал кога станува збор за туристичката размена и економската соработка помеѓу Италија и Северна Македонија, помеѓу Рим и Скопје, рече тој.

Нагласи дека планираат да организираат саем кој ќе биде поразличен од досегашните, кој ќе биде целосно одржлив и на кој сите држави би добиле еднаква видливост, и малите и големите.

-Би сакале да организираме саем кој гледа кон иднината, која ќе остане. Ние ќе ја поддржиме изградбата на павилјоните на различни држави, вклучително и Северна Македонија, со цел нивното присуство на саемот да остане и во иднина, додаде римскиот градоначалник.

Гаултиери нагласи дека саемот ќе биде посветен на темата - луѓето и териториите, односно како таа врска се менувала низ времето.

-Се соочуваме со огромни последици – климатските промени, енергетската транзиција, иновација, дигитална револуција, вештачка интелигенција и потребата за посилна општествена кохезија, и сите овие нешта конкретно се случуваат во градовите. Па, градовите мора да се преосмислат и да станат лаборатории за овие нови идеи. Така нашиот саем ќе биде за оваа тема, но исто така тоа ќе биде и пример за како тоа да го реализираме. Ова ќе биде саем со нула емисии на јаглерод, целосно одржлив и цела енергија ќе ја добива од соларни панели, ќе биде саем многу поинтегриран со природата, со урбано пошумување, рече тој.

Гаултиери додаде и дека саемот ќе ги промовира заедничките европски вредности - граѓанските права, родовата еднаквост, слободата на изразувањето, почит за сите религии, кон малцинствата, почит за работничките права.

Кандидати за организација на ЕКСПО 2030 чие мото е „Луѓе и територии: обнова, вклученост и иновации“ покрај Рим се и Ријад од Саудиска Арабија и Бусан од Јужна Кореа. 

Во ноември, годинава, за време на 173. Генерално собрание на БИЕ, земјите-членки ќе ја изберат земјата домаќин на World Expo 2030 преку тајно гласање на принципот една земја, еден глас. Северна Македонија од мај годинава, е дел од БИЕ. Бирото за меѓународни изложби (BIE), е меѓувладина организација која е задолжена за надзор и регулирање на Светските изложби, од 1931 година. вг/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан