• недела, 01 февруари 2026

Група кумановци кои работеа во странство: Бараме дијалог и конструктивни предлози за надминување на проблемот

Група кумановци кои работеа во странство: Бараме дијалог и конструктивни предлози за надминување на проблемот

Куманово, 29 јануари 202К (МИА) - Групата граѓани која деновиве протестира пред Управата за јавни приходи (УЈП), заради даночните решенија, денеска одржа прес-конференција на која посочија дека се сретнале со претседателката на советот на општината, Ивана Ѓорѓиевска и координаторите на осумте политички партии застапени во советот. Вчерашната средба ја оценија како конструктивна и кажаа дека детално ги информирале претставниците на различните политички партии за добиените даночни решенија, неможноста да добијат дел од доказите, дека не биле присутни во земјава повеќе од 183 дена, дека роковите за наплата течат.

-Побаравме од нив институционална поддршка и помош во изнаоѓање решение, затоа што нашите докази не се прифаќаат, а роковите и каматите течат. Предложивме нашиот проблем што поскоро да се стави на седница, може и со други точки да се разгледува. Свесни сме за ингеренциите на советот, но сакаме поддршка од нашите сограѓани. Имаше предлог да бидат присутни и претставниците од централната власт, кажаа Зоран Наковски и Жикица Миланов во име на присутните.

Вчера и општина Куманово информираше за средбата која ја оценија за конструктивна.

За утре кажаа дека имаат средба со директорката на УЈП, која ги повика во просториите на Управата со почеток во 14 часот. Од групата велат дека проблемот не е изолиран само на Куманово. Според нив, им се јавуваат и граѓани од други градови, меѓу кои Кратово, Тетово, Кочани и Велес, како и лица кои работеле на бродови или во странство и сега се соочуваат со слични даночни побарувања.

Кумановци апелираат Советот на Општина Куманово што поскоро да отвори расправа за нивниот случај и да посредува во комуникацијата со централните институции, со цел, како што велат, да се дојде до решение прифатливо за двете страни. Наредната средба со координаторите е закажана за 2 февруари, годинава. Инаку, во петок нивни колеги од Тетово ќе продолжат со протестот прес зградата на УЈП.

Во базите во Авганистан и Ирак за различни компании работеа од 15 до 20.000 кумановци изминативе 25 годии. Вакви даночни решенија примиле од три до 4.000 лица од 200 евра, до неколку илјадници евра, што зависи од позицијата на работното место. ам/вј/

Фото: МИА и Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан