• сабота, 06 декември 2025

Група иселеници донираа реквизитит за комплетирање на Детски парк во клонот на градинката „23 Август“ во Берово

Група иселеници донираа реквизитит за комплетирање на Детски парк во клонот на градинката „23 Август“ во Берово

Берово, 16 јуни 2025 (МИА) - Преку донација од иселеници, клонот на градинката „23 Август“ во беровското село Русиново доби нов детски парк. Детскиот парк се состои од повеќе детски реквизити кои се поставени во дворот на детската градинка. На пуштањето во употреба на паркот присуствуваше градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој ја поздрави иницијативата на иселениците и се заблагодари на сите донатори.

-Оваа донација од  детски реквизити кои се поставени во дворот на градинката се донација од нашите иселеници: Даниел Костевски - Шпанија Сашко Механџиски – САД, Дарко Поповски –САД, Горан Буровски – САД, Димче Страторски – Германија, Дејан Механџиски – Германија, Димче Ќосевски  -САД и Благој Механџиски Зегин. Ја поздравувам оваа  донацијата и сакам да упатам посебна благодарност до донаторите. Донираната опрема и реквизити, носат многу радост на децата во Русиново, кои ќе имаат можност за детски игри, подобри услови за престој  и повеќе содржини за играње, рече Пекевски.

Ова, како што додаде директорката на градинката Невенка Таковска, е веќе втора донација преку која иселеници донираат во родното место за подобри услови за најмалите.

-Нашите иселеници од Русиново, уште еднаш покажаа пример, како се сака родното место и колку радост носи нивното дело во детските срца, што претставува моќна комбинација на голем ум и широко срце на оние кои донираат. Во потрагата по подобро утре, за поединецот а особено за децата, ова нека биде поттик, за сите кои сакаат преку хуманост да придонесат во општеството, додаде Таковска.

За родителите на иселениците кои ги донираа реквизитите најважно е паркот да се одржува и чува, додека родителите на дечињата се радосни што отсега најмалите ќе имаат место за безгрижна детска игра.

Село Русиново е едно од најголемите села во Малешевијата, кое по бројот на жители до пред 15 години беше на рамниште со општина Пехчево. И овде како и во поголемите села белата чума си го зеде данокот, а месната заедница и иселениците се тие кои најчесто преземаат иницијатива за подобрување на условите во установите како детската градинка, училиштата и самата месна заедница. Заеднички тие ја подготвуваат и манифестацијата Илинденски Видувања - Вршник која е закажана за празникот Илинден.  вс/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан