• среда, 27 ноември 2024

Гроси: Важно е да заживеат дипломатските напори во однос на иранската нуклеарна програма

Гроси: Важно е да заживеат дипломатските напори во однос на иранската нуклеарна програма
Лондон, 8 февруари 2023 (МИА) - Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска нагласи дека е важно да заживеат дипломатските напори за ограничување на иранската нуклеарна програма, наведувајќи дека ситуацијата може брзо да се влоши доколку преговорите не успеат.

Гроси рече дека дипломатските напори не се најдобра фаза, но дека не е до него да каже дали процесот е „мртов или жив“. Тој исто така додаде дека не е невозможно да се постигне напредок.

Во разговор во институтот Чатам Хаус во Лондон, тој изрази надеж дека ќе биде можно да се обнови тој неопходен дијалог и дека без него работите можат да одат на полошо.

Иран почна да ги обновува своите нуклеарни резерви кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, со кој се ограничува иранската нуклеарна програма.

Разговорите за враќање на договорот завршија во август кога западните земји го претставија „конечниот текст“ на патот за напредок што Иран сè уште не го прифати.

Гроси минатиот месец предупреди дека Иран има доволно високо збогатен ураниум за да изгради „неколку“ нуклеарни оружја доколку сака.

Тој рече дека Блискиот Исток има единствени проблеми кои ќе се влошат ако дипломатските напори пропаднат.

„Не гледам дека е во ничиј интерес да се шири нуклеарно оружје таму. Мислам дека ќе ја влошуваме веќе кревката ситуација“, рече тој, додавајќи дека тие сè уште не стигнале до таа точка, но дека не можат да си дозволат да не успее. паг/



Остани поврзан