• среда, 27 ноември 2024

Грлиќ Радман во пресрет на министерскиот состанок на ЕУ: Почеток на преговорите со С.Македонија и Албанија

Грлиќ Радман во пресрет на министерскиот состанок на ЕУ: Почеток на преговорите со С.Македонија и Албанија
Белград, 10 мај 2021 (МИА) - Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, пред денешниот состанокот на министрите на ЕУ во Брисел, изјави дека на ЕУ и е потребен дополнителен политички ангажман и стратешки пристап кон Западен Балкан и дека партнерите во регионот мора да покажат резултати во областите на демократската трансформација, човековите права и владеењето на правото, јави дописникот на МИА од Белград. -Тоа е клучно за нивниот европски пат, но секако мора да им помогнеме да го исполниме и нашиот дел. Тоа значи почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија и визна либерализација за Косово. Црна Гора мора да остане посветена на патот кон ЕУ, а Србија мора да се фокусира на реформите и надминувањето на наследството од војната, изјави хрватскиот министер за надворешни работи. Кога станува збор за БиХ, Грлиќ Радман ја истакна важноста на трите конститутивни народи како „клуч за функционалноста и стабилноста на земјата и нејзиниот европски пат“. Тој истакна дека ЕУ треба да се ангажира и да инвестира во стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, бидејќи тоа е инвестиција во стабилноста и безбедноста на Европа. Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе одржат расправа за засилен политички ангажман на ЕУ со партнерите од Западен Балкан, а пред почетокот, високиот претставник на ЕУ и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел изјави дека Унијата сака да му понуди на регионот подобра европска перспектива . Борел изјави дека состојбата на Западен Балкан е една од најважните теми за кои ќе разговараат министрите за надворешни работи на ЕУ. -Ние сакаме да имаме нов увид во ситуацијата на Западен Балкан и да видиме како можеме повеќе да се вклучиме во регионот, рече Борел. Како што беше претходно најавено, Борел на министрите на состанокот ќе им претстави „нон-пејпер“ на кој е посочено дека е „јасна цел на Западен Балкан е полноправното членство во ЕУ, и секој предлог за некој друг пат е одвлекување на вниманието со лоши последици за силната работа што мора да се направи за да се постигне визијата за обединета, силна и просперитетна Европа. об/ац/

Остани поврзан