• среда, 25 декември 2024

Грковска: Принципите на добро владеење мора да се имплементираат на сите нивоа во јавната администрација

Грковска: Принципите на добро владеење мора да се имплементираат на сите нивоа во јавната администрација

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Имајќи предвид дека администрацијата е сликата и столбот на државата и на општеството, тогаш принципите на добро владеење мора да бидат имплементирани секаде. А кога зборуваме за добро владеење, зборуваме за транспарентност,  отчетност, интегритет, како и за брзи и професионални услуги, изјави вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

На панел дискусија посветена на деблокирањето на клучните реформи, што се одржа во рамки на конференцијата „Современа, Ефикасна, Дигитализирана Јавна администрација: Визија 2030 - Стратегија за администрација“, вицепремиерката Грковска истакна дека од приоритетна важност е да се промени светогледот и да се зајакне свеста дека администрацијата е сервис на граѓаните. Во овој долг и тежок процес, како што додаде, клучно е политичарите да бидат пример за сите останати во општеството, со својот интегритет и со своето делување и работење за доброто на државата.

Како што информираат од Владата на Република Северна Македонија, во обраќањето таа се осврна на активностите кои изминатиот период ги презеде кабинетот со кој раководи, фокусирани на трите столбови: дигитална трансформација на општеството, транспарентност и ефикасност на институциите и антикорупциски политики, кои се испреплетени меѓу себе и директно поврзани со реформите во јавната администрација. 

- Таа го истакна тековниот проект за преосмислување на управувањето, со кој се предвидува воведување индикатори за мерење на успешноста во спроведувањето на политиките и зајакнување на секторите за стратешко планирање во министерствата. Понатаму, информираше дека е веќе подготвен нацрт на Законот за архивирање, кој уредува како ќе се третираат дигиталните документи, а интензивно се работи и на воведувањето на електронска лична карта, како основа за понатамошен развој на дигиталните услуги, стои во соопштението од Владата.

Во поглед на транспарентноста, вицепремиерката Грковска истакна дека таа е еден од главните механизми за спречување на корупцијата, но и начин како да се навикнат институциите дека треба да бидат отворени и на услуга на граѓаните. Во таа насока, беше подготвено упатство кое цели кон јакнење на проактивната транспарентност, сè до конечната цел која треба да биде исполнета во 2030, за отворени регистри кои им се на располагање на сите граѓани.

Како заклучок на излагањето, вицепремиерката Грковска истакна дека една од клучните реформи за кои се залага кабинетот со кој таа раководи е донесување законско решение кое ќе оневозможи носители на функција или вработени во администрацијата на сите нивоа, да бидат лица кои не покажале капацитет за почитување на принципите на добро владеење.

 - Во ниту еден од трите столбови на власта, лице на кое му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, доколку е осуден или разрешен за злоупотреба на службена должност, корупција, судир на интереси, дискриминација и користење на службената положба за каков било облик на принуда, не може да биде избран или именуван на функција, односно да биде вработен во јавна администрација. Кандидат за носител на јавна функција, како и вработено лице во јавната администрација не може да биде лице кое се наоѓа на листата на санкции на САД, ЕУ или ООН, заклучи Грковска. ар/ац/

Фото: Влада

 

Остани поврзан