• сабота, 23 ноември 2024

Грковска на COSP 10 во Атланта: Промовирањето и заштитата на еднаквите права е предуслов за правда во секое општество

Грковска на COSP 10 во Атланта: Промовирањето и заштитата на еднаквите права е предуслов за правда во секое општество

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Промовирањето и заштитата на еднаквите права е предуслов за правда во секое општество. Ако успееме да изградиме систем кој ефикасно ги заштитува правата на сите граѓани, тој безусловно ќе стане подобар, истакна вицепремиерката Славица Грковска, на панел-дискусијата на тема „Моќта на родовата еднаквост и инклузијата во справувањето со корупцијата“, во рамките на Конференцијата на земјите членки потписнички на Конвенцијата на ОН против корупцијата, што се одржува во Атланта, САД, известуваат од нејзиниот Кабинет.

Грковска посочи дека со зголемувањето на учеството на жените во сите општествени процеси, ќе се обезбеди можност различни гледишта и ставови да бидат земени предвид, а тоа ќе доведе до подобри и поквалитетни одлуки, како и до намалени ризици од корупција.

Таа изрази  благодарност до UNODC за поддршката при формирањето Форумот на Југоисточна Европа на жени лидерки за добро владеење и антикорупција во март оваа година.

- Регионалниот формат на овој Форум, ни помага да учиме едни од други, да ги споредуваме различните практики и искуства,  што е значајно за сите нас имајќи ги предвид сличностите на општествата во регионот, рече вицепремиерката.

Грковска се осврна и истражување за полот и корупцијата во јавната администрација во Северна Македонија, што неодамна беше спроведено по нејзина иницијатива. Иако резултатите сѐ уште се во фаза на сублимирање и анализа, првичните податоци покажуваат дека жените се многу повеќе сензибилизирани во препознавање на корупцијата.  

- Ова истражување исто така покажува дека како држава мора да работиме и на други прашања, како што се зајакнување на механизмите за пријавување корупција, унапредување на механизмите за заштита на укажувачите, како јакнење на свесноста кај вработените во јавната администрација за ризиците од корупција, додаде Грковска.

На панелот воведно обраќање имаше извршната директорка на Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите Нации, Гада Вали, а како панелисти, покрај вицепремиерката Грковска,  учествуваа Доминик Хаслер, министерка за надворешни прашања, образование и спорт на Лихтенштајн, Адриан Саундерс, претседател на Судот на правдата на Карибите, Годфред Даме, главен обвинител и министер за правда на Гана, како и Ноксоло Кивиет, министер за јавни услуги и администрација на Јужна Африка. ир/дма/

 

Фото: Кабинет на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење

Остани поврзан