• недела, 22 декември 2024

Грковска на средба со претставници на младински организации: Активното учество на младите е суштинско за вредносни промени во општеството

Грковска на средба со претставници на младински организации: Активното учество на младите е суштинско за вредносни промени во општеството

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржала средба со претставници на младински организации во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“. 

Како што соопшти владината прес-служба, Грковска ги информирала присутните за досегашните средби, сесии и работилници спроведени во рамки на оваа кампања, наменета за зголемување на свеста за потребата од интегритет, чесност и одговорност, како основни принципи кои овозможуваат позитивен придонес за целото општество.

-Осврнувајќи се на овие вредносни прашања, младите посочија дека клучна е потребата да се направи приоретизација во справувањето со проблемите и да се најде решение за пасивизацијата на младите, којашто ги оневозможува позитивните промени во општеството. Вицепремиерката Грковска истакна дека за клучните прашања и за доброто на државата мора да се гради широк консензус без оглед на идеолошките разлики и додаде дека борбата со корупцијата треба да биде посебна цел и на младинските организации, имајќи предвид дека општеството е систем на врзани садови, а младите можат многу да направат во овој сегмент со давање свој придонес. Според Грковска, особено важно е да се афирмираат позитивни рол модели во јавниот живот и додаде дека политичарите треба да даваат личен пример за делување со интегритет, за тоа да се пренесе и во другите општествени сфери, се наведува во соопштението. 

На средбата се разговарало и за клучните проблеми во имплементацијата на младинските политики и соодветните стратегии и, како што е наведено, бил ставен акцент на намалениот квалитет на образованието на сметка на квантитетот кој го донесе отворањето на голем број високообразовни установи во земјата.

-Младинските претставници се осврнаа на потребата од подобрување на условите за ученичко и студентско домување, како и на пречките на кои наидуваат при воспоставување на младинските локални заедници,  што е предвидено со Законот за млади. Присутните се осврнаа и на потребата од издвојување повеќе средства за наука, спречување на одливот на квалитетен кадар, како и за креирање посебни политики за грижа за менталното здравје и благосостојбата на младите, соопшти владината прес-служба. 

Вицепремиерката Грковска ги информирала младинските претставници за започнатите процеси во Владата за надминување на проблемите во високото образование и научната дејност и посочила дека овие прашања се процес кој бара континуитет и посветеност од сите чинители и сите влади, за да се дојде до квалитетни и одржливи решенија.

На денешниот отворен дијалог присуствувале претставници на Универзитетското студентско собрание, Националниот младински совет, Сојузот на средношколци, здружението Младите можат, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин, Сојузот за младинска работа и Регионалната канцеларија за младинска соработка. хс/бак/

Фото: Влада на Република Северна Македонија 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан