• вторник, 24 декември 2024

Грковска-Мојсовски: Неопходна е ревизија на моделот за спортските ваучери и поголема отчетност при користење на јавните средства во спортот

Грковска-Мојсовски: Неопходна е ревизија на моделот за спортските ваучери и поголема отчетност при користење на јавните средства во спортот
Скопје, 6 јуни 2022 (МИА) -  Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска во просториите на Агенцијата за млади и спорт имаше работна средба со директорот Наумче Мојсовски.
Како што информира прес-службата на Грковска, на средбата се дискутирало за потребата од сеопфатна анализа на законската регулатива во спортот и креирање на политики за добро владеење кои ќе ја зголемат транспарентност при носењето на одлуките во спортските клубови и федерации и отчетност при користење на јавните средства.
-Вицепремиерката Грковска истакна дека е неопходна ревизија на моделот за примената на спортските ваучери. Беа разгледани надлежностите на Агенцијата за млади и спорт, но и на спортските федерации при распределбата на финансиските средства на клубовите и спортистите, се вели во соопштението.
Грковска на состанокот ја истакнала и потребата од задолжителна транспарентност и отчетност при користење на јавните средства.Директорот на Агенцијата, Наумче Мојсовски посочил дека е потребно да се зајакнат инспекциските капацитети на Агенцијата, со цел да се зголеми надзорот врз спортските организации. -Досегашната пракса покажува дека дел од спортските субјекти не работат транспарентно и отчетно, а тоа негативно се одразува на легитимитетот и кредибилитетот на спортскиот дух, се додава во соопштението.
На состанокот, исто така беше отворено прашањето и за најавената реорганизација на органите на државната управа. ки/цр

Остани поврзан