• сабота, 23 ноември 2024

Грета Тунберг на насловницата на „Вог Скандинавија“

Грета Тунберг на насловницата на „Вог Скандинавија“
Осло, 9 август 2021 (МИА) - Активистката за животна средина, Грета Тунберг се најде на насловната страница на новото издание на „Вог Скандинавија“, па ја критикуваше „брзата мода“. Младата Швеѓанка вчеравечер ја објави насловницата, каде таа е облечена во голем капут за дожд, во шума и гали еден коњ. „Модната индустрија во голема мера придонесува за климатските и еколошките кризи, а да не зборуваме за нејзиното влијание врз безброј работници и заедници експлоатирани низ целиот свет за некои да уживаат во брзата мода што многумина ја третираат како за еднократна употреба“, напиша Тунберг на Инстаграм и Твитер. Таа смета дека не може масовно да се произведува мода, а „да консумираме одржливо“, па затоа е потребна промена на системот. - „Некои во индустријата користат скапи кампањи за да остават впечаток дека се одржливи, климатски неутрални и фер... Но, речиси секогаш станува збор за злоупотреба на зелената слика“, вели Тунберг. Тунберг во интервјуто за „Вог“ вели дека со години не купила нова облека. - Последен пат купив нешто ново пред три години, и тоа веќе употребено. Честопати и позајмувам работи од луѓе што ги познавам, рече таа. Самиот магазин во соопштението наведе дека ги споделува вредностите на младата активистка за одржлив живот и заштита на животната средина. Облеката што Тунберг ја носи на насловната страница е направена од одржливи, рециклирани материјали, објави списанието.  си/сд/

Остани поврзан