• сабота, 23 ноември 2024

Грег Малканџи со „Синергијата на звукот и филмската слика” се претстави во ИФФК „Браќа Манаки”

Грег Малканџи со „Синергијата на звукот и филмската слика” се претстави во ИФФК „Браќа Манаки”
Скопје, 19 септември 2021 (МИА) - Грег Малканџи, дизајнер на звук (sound designer) од Англија, го одржа третиот мастерклас на годинешното 42-ро издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Малата сала на Домот на културата во Битола, насловен „Синергијата на звукот и филмската слика“. Малканџи студирал во Лондон на еден од најдобрите европски музички конзерваториуми во Европа, и кариерата во 80-те ја започнал како оркестарски музичар, настапувајќи со лондонски оркестри и легендарни диригенти како Леонард Бернштајн, Бернард Хајтинк... Во почетокот на 90-те започнал да компонира музика за филм и ТВ, а неколку години подоцна се заинтересирал за дизајн на звукот и го специјализирал тој сегмент од филмската продукција. Малканџи веќе неколку години живее и работи во Скопје – или од Скопје, бидејќи неговото студио за постпродукција на звук „Darkside Audio“ во денешната глобална вмреженост работи на филмови од целиот свет – остварувајќи ја замислата да понуди професионалност и квалитет во постпродукцијата на звукот по цени кои се пониски од стандардните комерцијални стапки, кои можат да си ги дозволат и филмски проекти со микро-буџети. Како што соопшти прес-службата на ИФФК „Браќа Манаки“, Малканџи  ги воведе посетителите на неговиот мастерклас со кратката историја на појавата и развојот на звукот во филмот, од пионерските чекори на звучниот филм во 20-ти години на минатиот век со користење на големи оркестри, преку иноваторите на филмскиот звук како Алфред Хичкок (во филмот „Ребека“) и Орсон Велс („Граѓанинот Кејн“) и нивните наследници – Стивен Спилберг, Џорџ Лукас и останатите филмски автори, меѓу кои го издвои австралискиот режисер Питер Вир заради посебниот начин на кој е дизајниран звукот во неговите филмови. Посочил дека филмските режисери, следејќи ја основната замисла да направат забава – но не и само забава – секогаш се исправени пред предизвикот да ги дизајнираат вистинските „мерки“ на обликот на сликата и звукот. -Режисерите и со мали буџети можат да постигнат професионални стандарди, Малканџи ги охрабрува филмските продуценти и автори. Малканџи вели дека дизајнот на звукот функционира на тој начин што „манипулира“ со свеста на гледачите., користејќи ги шумовите и звучните ефекти. На посетителите на мастеркласот им ја ја претстави споредбата на оркестрираните звуци и музика произведени на класичен начин, и постпродукциските алатки на своевидниот дигитален „оркестар“. Во дигиталната постпродукција на звукот тоа се дијалогот, foley (звуци и шумови кои ги прават луѓето додадени во постпродукцијата на филмот, наречени според иноваторот на нивната примена, режисерот Џејмс Фоли/James Foley), и звучните трикови (SFX) градирани како Hard SX и Back FX. Потоа низ низа извонредно илустративни примери, преку анализа на кадар по кадар на видео инсерти од филмови, Малканџи на гледачите им ја презентираше техниката и „филозофијата“ на користењето на звуците во постпродукцијата, со цел да постигнат синергија со филмската слика, стои во соопштението.оџ/  

Остани поврзан