• сабота, 23 ноември 2024

Граѓански здруженија бараат Сиљановска Давкова да не го потпише указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање

Граѓански здруженија бараат  Сиљановска Давкова да не го потпише указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Граѓански здруженија денеска од пред Собранието побараа претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпише указот за програсување на Законот за урбанистичко планирање, што беше изгласа завчера. Тие имаат забелешки за овој закон и бараат тој да се врати во редовна собраниска процедура и да се донесе со широка дебата со вклучување на сите засегнати чинители.

-Основна и прва забелешка е во однос на 600 ДУП-ови чиј што рок на носење е изминат поради новиот закон во кој што стои член во кој се вели дека ако не се завршени во рок од четири години, мора да продолжи постапката по новиот закон, односно земање на параметрите од новиот закон. Сега ги враќаме во живот, значи ќе одат како што се веќе проектирани по стариот закон, а тука немате реална состојба, попис и многу елементи кои веќе се изменети низ годините а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Вака нема да се вклучат, рече Татјана Стојановска од О2 Иницијатива. 

Имаат забелешка и во однос на потврдата за урбанистичка усогласеност. - Таа случајно не е ставена. Една двојна контрола за тоа дали урбанистички е усогласен одреден објект, односно одреден Детален урбанистички план, посочи Стојановска.

Не се согласуваат и со новините за изградба на катни гаражи. - Со урбанистички проект каде што дозволувате да не помине на јавна анкета, да се слушне гласот на граѓаните, да не помине низ Совет, се овозможува  да се градат катни гаражи без никаква анализа – како ќе им текне така да ги направат, што апсолутно не е во ред. Исто така, за катни гаражи за повеќе објекти. Тие форсираат дека тоа се однесува за сите јавни објекти. Јас повторно ќе кажам како вие планирате да правите болница некаде каде што не го знаете вкупниот број на жители, бидејќи таму немате внесено статистички податоци од пописот во урбанистичкиот план кој ќе биде во сила. Исто така, забелешка во однос на тоа дека министерот си ги повлекува ингеренциите за во рок од пет дена не го потпише односно го огласи за ништовен невалиден Детален урбанистички план и министерот рече дека ќе реагирам преку МВР. Зошто да реагира преку МВР? Моментално има алатка во рок од пет дена да потпише забрана за изведување на тој Детален урбанистички план, рече Стојановска.

Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест“ апелира во процесите на донесување одлуки за сите закони да бидат вклучени сите засегнати чинители - граѓаните, научната фела, синдикатите, бизнис заедницата.

-Повеќе од 20 години ние како организација и заедно со целото еколошко движење зборуваме за потребата граѓаните и јавноста да бидат  вклучени во процесите на донесување одлуки кога станува збор за заштитата на животната средина. Конкретно зборуваме за Законот за урбанистичко планирање, кој неминовно навлегува во доменот на животната средина и благосостојбата на граѓаните. Алармираме и апелираме учеството на граѓаните, на научната фела, на синдикатите, на бизнис заедницата и сите засегнати страни во процесите на донесување одлуки за сите закони во оваа држава е од клучно значење. Ако сакаме вистински да демонстрираме демократски практики, транспарентност, отчетност, мора власта да знае дека граѓаните, јавноста, научната фела се тука за да учествуваат заедно со нив во креирањето на законите. Ние не бараме да бидеме постојано критизери на процесите, туку сакаме да бидеме ко-креатори на процесите. Мислам дека тоа е главната поента на демократското општество. Алармираме во однос на овој закон конкретно затоа што со неговото донесување по скратена постапка навистина правиме повреда и на нашите национални закони, но и на меѓународното право, рече Чоловиќ Лешоска. 

Јане Димески од Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ нагласи дека очекувале нешто повеќе и подбро на почетокот на мандатот на една власт оти ќе прикаже некаков поинаков манир на владеење и управување, бидејќи, како што рече, ако ги повторуваме пак истите грешки од минатото не можеме да очекуваме резултати поразлични од ова што сега го живееме. Димески потенцира дека тие како здруженија бараат еднакви услови, почитување на законите и создавање на еднакви правила кои се базираат на стручност и експертиза кои ќе важат за сите и спроведуваат еднакво насекаде.

Доколку претседателката Сиљановска Давкова го потпише Указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање, Стојановска истакна дека„ ќе форсираат до пратениците да се донесе што побрзо нов закон“.

-Ние ќе се обидеме понатаму да делуваме. Борбата понатаму ќе се сведе на што побрзо носење на нов закон за урбанизам, кој веќе е поставен во ноември лани на ЕНЕР, но таа процедура е закочена, а носиме измени на овој закон. Ќе форсираме што побрзо носење на новиот закон со една широка дискусија, но времето што ќе го изгубиме во носење со последиците што ќе се добијат со овие измени не можеме да ги предвидиме сега засега и тоа е страшното, рече Стојановска.

Министерот за транспорт Александар Николоски завчера во Собранието образложи дека целта на измените на Законот е да се подностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи  и општините да можат да ги искористат средствата за такви проекти што беа обебзедени со ребалансот на Буџетот.

-Побрзо да се направат проектите со кои ќе може да се реализираат објектите. Тоа не значи дека воопшто нема да има процедура, туку таа ќе биде многу поедноставена, рече Николоски.

Со  одредбата за рок од четири години во кој треба да се завршат сите постапки за донесување на урбанистичките планови, а ако не се завршат да се вратат од почеток, што беше опфатена со законските измени, според него, креирана правна несигурност.

-Прво, како е определен рокот од четири години, второ, кој вели дека планот мора да се донесе и како трето, во моментов преку 600 планови се заглавени и не се ниту напред ниту назад. Ниту јас како министер можам да ги прифатам, ниту да ги одбијам, ниту Министерството може да даде позитивно и негативно мислење. Свесен сум дека намерата била  добра, но ова мора  го затвориме правно што не значи, ова е мој политички став,  дека тие планови ќе се донесат. Може да се донесат, а може и не, бидејќи има минимум два политички филтра - Министерството што го водам и општините, од кои во најголем дел ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата има мнозинство, рече Николоски. 

Со измените на Законот  се брише правилото „молчењето е одобрување“ за урбанистичките планови, заради, како што рече, претходно дивеење на одредени општини, односно се јакнат ингеренците на Министерството за транспорт. Министерот за транспорт праша и зошто е проблем да се градат катни гаражи во услови кога во половина држава тротоарите се окупирани со возила, потенцирајќи дека тоа ќе биде еден од начините на решавање на сообраќајниот хаос. фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан