• среда, 25 декември 2024

„Градот како сцена: Пловечки универзитет“ - тридневен уметнички проект

„Градот како сцена: Пловечки универзитет“ - тридневен уметнички проект

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Предавање, работилница и перформативна театарска тура, изведувана по улиците на Скопје, на уметничкиот проект „Градот како сцена: Пловечки универзитет“ ќе се одржи од денеска до 7 декември, на неколку различни локации.

Тридневниот уметнички проект е во организација на „Факултет за работи што не се учат“, и почнува денеска во амфитеатарот на Архитектонски факултет во Скопје, каде што ќе се одржи јавно предавање на Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин, членови на „Флоутинг Јуниверзити“ (Пловечки универзитет), на кое ќе се говори за поврзаноста меѓу природата и културата и за просторни експерименти во басенот за задржување дождовница. Предавањето ќе се одржи од 18:00 до 19:30 часот.

„Флоутинг Јуниверзити Берлин“ е експериментален простор за спознавање на поврзаноста меѓу природата и културата, заеднички труд на повеќе од 50 уметници, дизајнери, архитекти, научници, инженери. Сместен во напуштениот басен за задржување дождовница во близина на поранешниот аеродром Темпелхоф, овој хибриден простор функционира како составен дел од некогашниот систем за управување со води, а истовремено служи и како живеалиште на мочуришни растенија, птици, жаби, лилјаци и лисици.

Кампусот, кој е изграден со употреба на материјали со низок ризик за животната средина, вклучува прототипови на системи за филтрирање вода и служи како полигон за тестирање практики на одржлив дизајн. Денес, „Флоутинг Јуниверзити“ вклучува широк спектар на внатрешни и надворешни културни и образовни програми, поттикнувајќи дијалог за односот меѓу луѓето, урбаните средини и светот што не е само човечки. Проектот има амбиции да стане „двигател на трансформација“, отворајќи го патот за хибридна инфраструктура, која интегрира еколошки, социјални и јавни вредности во долгорочниот развој на просторот.

Кристин Лазарова (1992, Софија) студирала архитектура и урбанистичко планирање во Штутгарт и урбанизам и општествени промени во Копенхаген. Кристин колективно дизајнира урбани простори и држи предавања на таа тема. Од 2015 година Кристин работи за и со служби и колективи за урбанистичко планирање во Штутгарт, Цирих и Берлин, и е дел од Urbane Liga eV - Alliance of Young City Makers во Германија. Од 2022 до 2023 година, Кристин ја координираше програмата Learnscapes на „Floating University“. Во моментов Кристин го води сервисот за вмрежување „Urban Practice“, во чија изградба е вклучена од 2021 година.

Дејвид Нил Морси е урбан дизајнер, практичар и урбанист специјализиран за структури од долу-нагоре, партиципативни пристапи и културен урбан развој. Студирал во Келн, Дизелдорф, Рио де Жанеиро и Лисабон. Од 2017 година тој придонесува во различни иницијативи за урбан развој, трансформирајќи ги напуштените згради во живи културни простори во Келн и Берлин. Како фриленсер, тој соработувал со служби за урбанистичко планирање, колективи и јавни администрации во различни контексти. Во моментов ја води стратешката и посредничка работа на тимот за управување со културниот простор во Одделот за култура во Келн, претседател е на Urbane Liga eV - Alliance of Young City Makers во Германија – и работи со проектот „Floating University“ во Берлин, со цел да го позиционира како „двигател на трансформација“ за долгорочен развој на басенот за задржување дождовница.

Утре ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје / Лабораторија за просторно изведувачки практики, која ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Фолутинг Јуниверсити“, а ќе трае од 16 до 20 часот. Темата ќе биде „Иднината на киното во Железничката зграда“.

„Градот е јавност #1“ е шетачка тура, која ќе се одржи в сабота (7 декември) и ќе трае од 12 до 18 часот. Турата е замислена како театарски перформанс во четири чина и е предводен од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски. Перформативната шетачка тура почнува од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во 12 часот, вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг Јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет, третиот чин почнува во 15 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Турата завршува во Албанскиот народен театар во Скопје. Турата е од отворен карактер и оние што би сакале да се вклучат треба да направат резервација на електронската пошта - organizationfru@gmail.com.

Куратор на овој перформас е Владимир Јанчевски, кураторската поддршка е на Софија Григоријаду, актерка/изведувачка е Мартина Даниловска. Авторскиот и драматуршкиот концепт се на Филип Јовановски, соработници на авторскиот концепт се Ивана Самандова, и Димитар Милев, дел од креативната продукција и координација е и Екатерина Добривојевска.

Вклучени во истражувањето се и Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Крсто Григорaидис, Калина Трајановска, додека дел од креативниот тим соработници се и Марија Аризанковска, Катарина Томиќ и, Бојана Вуковојац.

Продукцијата е на Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ - „АКТО фестивал за современи уметности“.

„Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамки на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“. Работата се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамки на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во насока на истражување на јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно - театарски проекти (претстави/интервенции) за истите тие простори.

Овој проект следи како надоврзување на работата на „ФРУ“ во објектите и јавните простори како Железничка зграда, Универзална сала, Македонска пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштад „Македонија“ во Скопје.

- Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова“ дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор - објаснуваат од „ФРУ“.

Проектот е организиран во контекст на проектот „We don’t want to be stars (but parts of constellations)“ заеднички потфат на „Suns and Stars“, Факултет за работи што не се учат –ФРУ, и Музејот Eesti Kaasaegse Kunsti (EKKM) финансиран од Европската унија.

Партнери на проектот „Градот како сцена: изведување на јавниот простор“ се Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ГЕТЕ Институт Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка- Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности - УКИМ Скопје, FONTYS Универзитетот за Уметност од Тилбург – катедра за мастер студии Performing public spaces.

Проектот е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје, Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија, Министерство за Култура и туризам на Република Северна Македонија.

Во неговата реализација поддршка дадоа и Албански Театар Скопје, Национална Опера и Балет и Општина Центар, стои во соопштението. вг/нд/

Фото: Плакат

Остани поврзан