• петок, 05 декември 2025

Градоначалникот на Пехчево, Китански потпиша договор за реконструкција на Домот во село Панчарево

Градоначалникот на Пехчево, Китански потпиша договор за реконструкција на Домот во село Панчарево

Пехчево, 2 октомври 2025 (МИА) – Градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански, денеска во просториите на локалната самоуправа го потпиша договорот за реконструкција на Домот во село Панчарево.

Со овој проект се предвидува комплетно уредување и модернизација на просториите на Домот, кои во иднина ќе бидат ставени на располагање за потребите на жителите и ќе служат како место за различни културни, образовни и општествени активности.

Средствата за реализација се обезбедени од Бирото за регионален развој, а изведувач на градежните работи е компанијата „Градежник Инг ДООЕЛ“ – Берово. Работите ќе започнат утре, а според договорот треба да бидат завршени во рок од два месеци.

Градоначалникот Китански изјави дека проектот претставува значајна инвестиција за подобрување на условите за живот во руралните средини и ќе придонесе за заживување на социјалниот и културниот живот во Панчарево.

-Со реконструкцијата на Домот жителите ќе добијат современ и функционален простор кој ќе биде центар на собири, настани и активности од значење за заедницата. Општина Пехчево и натаму ќе продолжи со проекти кои го подобруваат квалитетот на животот во сите населени места, изјави градоначалникот.

Ова е еден од повеќето проекти кои општината ги реализира во соработка со државните институции за да обезбеди рамномерен регионален развој и подобра инфраструктура за граѓаните. вс/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан