• петок, 17 јануари 2025

Градоначалникот Димчо Атанасовски најави градежна офанзива во Македонска Каменица

Градоначалникот Димчо Атанасовски најави градежна офанзива во Македонска Каменица
Македонска Каменица, 6 април 2023 (МИА) - Општина Македонска Каменица започнува со градежна офанзива, која ќе биде насочена кон одржлив развој на градот и руралните средини, информираше денеска градоначалникот Димчо Атанасовски. Како еден од позначајните приоритети го напомена инвестирањето во Индустриската зона преку градење на соодветна инфраструктура. 
 
-Денес е објавен Оглас за јавна набавка и очекувањата се дека овој проект ќе биде финализиран до почетокот на месец септември. Проценета вредност на проектот без ДДВ изнесува 9.129.589,00 денари, истакна Атанасовски.
 
Меѓу позначајните активности за следниот период Атанасовски ја најави изградбата на неколку улици и патишта, како во градот така и во селските средини.
 
-Покрај инвестиции во Индустриската зона предвидена е изградба на десетина улици и локални патишта во рурални средини, нови водоводни и канализациони системи. Во рамки на предвидените активности ќе се уредува и нова парцела на дел од градските гробишта, а ќе се изврши поставување на нови фотонапонски централи на објектите на локалните институции, рече Атанасовски.
 
Во насока на изградба на модерна општина, додаде дека во наредниот период ќе се изврши партерно уредување на повеќе локации во централното подрачје, но и во руралните средини. вс/дма/
 
Фото: МИА

Остани поврзан