• среда, 25 декември 2024

Градоначалникот Атанасовски со осуда за масовното труење кучиња во Македонска Каменица

Градоначалникот Атанасовски со осуда за масовното труење кучиња во Македонска Каменица
Македонска Каменица, 22 ноември 2022 (МИА) - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски излезе со најостра осуда за масовното труење кучиња во оваа општина. Појавата, како што истакна тој, во текот на изминатите неколку денови е забележана во оваа општина, за сведочат голем број фотографии објавени на социјалните мрежи од страна на засегнати сопственици на кучиња.
-Општина Македонска Каменица најостро го осудува монструозниот чин на масовно труење на кучиња кој се случи во нашиот град. Веруваме дека ова е изолиран случај кој никогаш повеќе нема да се повтори и ги повикуваме надлежните институции да постапат во најкраток можен рок и да го пронајде сторителот или сторителите и да има одговорност согласно законските прописи, рече Атанасовски.
Според него потребни се итни законски измени во овој дел, со оглед на фактот дека сите заловени кучиња од ангажираните фирми по соодветно третирање пак се враќаат во нашата општина
-Свесни сме дека проблемот со кучињата-скитници е огромен и генерално постои на територијата на целата држава, од таа причина за тоа често се дискутира со градоначалниците од другите општини и во рамки на ИПР и во рамки на ЗЕЛС.
Неретко, во Општина Македонска Каменица завршуваат кучиња и од други македонски општини за што сведочат и изјави на поголем број сограѓани, додаде Атанасовски.
Дециден е дека ќе се изнајде соодветно решение за овој проблем и апелираше во никој случај граѓаните да не преземаат вакви чекори, кои се и нехумани и незаконски, а може да предизвикаат и човечки жртви. вс/дма/

Остани поврзан