Голманот на Ливерпул најави брзо враќање на теренот
- Голманот на Ливерпул Ѓорѓи Мамардашвили дербито на „Мерсисајд“ го заврши предвреме поради повреда во 54.минута
Ливерпул, 20.април 2026 (МИА) – Голманот на Ливерпул Ѓорѓи Мамардашвили дербито на „Мерсисајд“ го заврши предвреме поради повреда во 54.минута. Тој повредата ја доби во дуелот со противничкиот играч Бето од Евертон при постигнувањето на голот за домашниот тим.
Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот по дуелот изјави дека Мамардашвили имал голема рана (расекотина). Од таа причина тој беше заменет со третиот голман на „црвените“ Фреди Вудман.
Во текот на денешниот ден Грузиецот на голот на Ливерпул сподели порака на социјалните мрежи и напиша:
„Ви благодарам на сите за вашата поддршка и што сте покрај мене. Ќе се вратам наскоро. Голема победа во дербито и три бода.“
Ливерпул го доби градското дерби со Евертон со 2:1 со гол на капитенот Вирџил Ван Дајк во последната минута. Актуелниот англиски шампион оваа сезона има големи проблеми со голманите откако првиот избор на Слот, Алисон во моментов е повреден, а отсуствуваше и претходно во еден дел од сезоната. Мамардашвили се очекува да паузира околу еден месец.
До крајот на сезоната Ливерпул има тежок распоред: Кристал Палас (дома); Манчестер Јунајтед (гости); Челзи (дома); Астон Вила (гости) и Брентфорд (дома). мн/
Фото: ЕПА