Голем пожар кај Струмица - локализиран од струмичка страна,нема опасност за куќите во село Баница (ДПЛ)
- Големиот пожар на отворено кој беснее кај Струмица на потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде беа загрозени куќи е локализиран и повеќе нема опасност за објектите. Сите пожарникари на ТППЕ Струмица се на терен и се обидуваат да ја скротат огнената стихија која неконтролирано се шири во повеќе правци.

Струмица, 21 март 2025 (МИА) - Големиот пожар на отворено кој беснее кај Струмица на потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде беа загрозени куќи е локализиран и повеќе нема опасност за објектите. Сите пожарникари на ТППЕ Струмица се на терен и се обидуваат да ја скротат огнената стихија која неконтролирано се шири во повеќе правци.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и во правец на селото Василево.
-Ангажирани се сите капацитети на ТППЕ Струмица, а на помош се повикани и пожарникари од блиските градови, кои пристигнаа и се вклучија во гаснењето. Пожарот е многу голем и преземаме се што е во наша моќ да не дозволиме уште повеќе да се шири, но засега силниот ветар ни ја отежнува работата, кусо изјави за МИА, Гудев.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој и самиот се вклучи во гаснењето, пред малку информираше дека пожарот е локализиран на струмичка страна и повеќе нема опасност за куќите во селото Баница.
-Благодарност до екипата на ТППЕ и секој струмички пожарникар и до сите кои се вклучија во гаснењето. Пред неколку недели реков дека ги знаеме и дека ги гониме оние кои подметнуваат пожари. Лично ќе се заложам до крај сите да одговараат, објави на неговиот фејсбук профил.
Според информацијата од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, пожарот кај Струмица е настанат од палење на стрништа.
-Гори трска и останата вегетација. Дува силен ветер кој го отежнува или оневозможува гаснењето на пожарот. На терен се екипите на ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и Богданци, информираше Ангелов.
Инаку, неофицијално пожарот избувнал на повеќе места одеднаш. рт/дма/
Фото: Фејсбук градоначалник на Струмица