• вторник, 24 декември 2024

Голем интерес за вакцинација против сезонски грип во Струга

Голем интерес за вакцинација против сезонски грип во Струга

Струга, 3 ноември 2023 (МИА) - Интересот за вакцинација против сезонски грип во Струга е очекувано голем, информира директорот на Центарот за јавно здравје - Охрид, Сашо Точков.

Според него, дневно во подрачното одделение на Центарот за јавно здравје во Струга се вакцинираат по 50-тина лица на закажан термин, а дополнително се и лицата со комерцијални вакцини, односно, оние кои не спаѓаат во ранливите категории, но сакаат да се имунизираат.

- Сите што имаат закажан термин си доаѓаат на терминот. А има интерес и за имунизација кај лицата кои не спаѓаат во ранливите категории, односно се вакцинираат со комерцијална вакцина, која чини 700 денари, изјави Точков за МИА.

Во Струга, додаде, преку Мој термин, досега се пријавени над 800 лица за вакцинација против сезонски грип, а бројката секојдневно растела со нови пријави.

- Лицата кои спаѓаат во ризичните групи да ја искористат можноста за бесплатна вакцинација против сезонски грип, да го заштитат своето здравје, да се пријават на vakcinacija.mk или во Центарот за јавно здравје. Оние што не се во тие групи, а сакаат да се заштитат да земат комерцијална вакцина. Единствена и сигурна заштита од грип е вакцината, апелира Точков.

Секој што се вакцинирал против сезонски грип, посочи, нема да заболи или ако заболи симптомите ќе се минимални.

- Мал е процентот години наназад на лица кои се вакцинирале и заболеле со тешка клиничка слика од грип, рече Точков

Состојбата со сезонски грип во Струга и струшко е мирна. Засега немало значителен број регистрирани заболени, бројката алармантно се зголемува во јануари и февруари.

Вакцината против сезонски грип е незадолжителна и бесплатна, наменета е за ризични групи, односно лица над 65 години, со хронични заболувања, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години. сс/дма/

 

Фото:МИА архива

Остани поврзан