Годинашниот самит „Македонија 2025“ со над 400 гости од земјава и од странство
- Околу 430 гости од земјава и од странство беа дел од годинашниот самит „Македонија 2025“ во чии рамки беа одржани 14 панели на значајни теми, а учествуваа повеќе од 40 говорници, кои ги споде
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Околу 430 гости од земјава и од странство беа дел од годинашниот самит „Македонија 2025“ во чии рамки беа одржани 14 панели на значајни теми, а учествуваа повеќе од 40 говорници, кои ги споделија своите искуства и знаења во различни области.
Самитот обедини бројни домашни и регионални бизнис-лидери, општествени и политички чинители, експерти од академската заедница и претставници на граѓанскиот сектор. Панелите на самитот, кој годинава се одржа по 11-ти пат, беа посветени на актуелни теми, како дигиталната трансформација на бизнисите и општествата, лидерството во бизнисот, потенцијалот на популарните „блок-чејн“ технологии и криптовалутите, односно можните пристапи на нивна имплементација.
„Македонија 2025“ ја иницираше и Платформата за просперитетна иднина, која се базира врз седум клучни области - образование и човечки капитал, конкурентност и водење бизнис, владеење на правото и борба против корупцијата, демократско општество, животна средина, јавно управување, дигитализација и дигитални вештини. Платформата нуди и алатка за мерење на напредокот на земјата во овие области со цел напредок во економскиот раст и развој.
Од основањето, па досега, „Македонија 2025“ имплементираше програми за економски развој во вредност од 3,5 милиони долари. Дополнително на тоа, во сегментот на образование и лидерство, донирани се 1,6 милиони долари, а во овие програми досега беа вклучени над 650 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.
Самитот Македонија 2025 ги обединува водечките компании, бизнис-лидери, општествени чинители и институции во промовирање успешни примери кои придонесуваат кон одржливи иницијативи и раст и развој
Никица Блажевска-Мојсоска, извршен директор на „Македонија 2025“, им се заблагодари на присутните и се надева дека самитот инспирира и охрабрува промени во општеството и во економијата.
-Нашата главна цел беше да порачаме дека и малите можат да успеат доколку брзо и флексибилно се приклучат кон трансформацијата која се случува во светот. Вистинското лидерство носи успех и затоа важно е да одиме напред кон побрз и долгорочен економски развој, истакна Блажевска-Мојсоска. хс/цр
.