Глобални кризи без решение – Состанокот на Г20 во Јоханесбург заврши без договор
- Американскиот државен секретар Марко Рубио ја бојкотираше средбата, наведувајќи на социјалната мрежа „Икс“ дека „нема да толерира антиамериканизам“. Вашингтон најави дека ќе го прескокне и состанокот на министрите за финансии од Г20 следната недела.

Јоханесбург, 21 февруари 2025 (МИА) - Министерите за надворешни работи на групата Г-20 се собраа на дводневен состанок во Јужноафриканската Република (ЈАР), но дискусиите за клучните глобални кризи, како војните во Украина и Газа, не резултираа со консензус. Дополнителна тешкотија беше одлуката на САД да не учествуваат во разговорите, коментираат денеска западни медиуми.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја бојкотираше средбата, наведувајќи на социјалната мрежа „Икс“ дека „нема да толерира антиамериканизам“. Вашингтон најави дека ќе го прескокне и состанокот на министрите за финансии од Г20 следната недела.
ЈАР, како прва африканска земја што претседава со Г20, се надеваше на постигнување компромис меѓу развиените и земјите во развој. Но, на отворањето на самитот, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса призна дека постои „сериозна поделба меѓу големите сили за решавање на глобалните проблеми“.
- Геополитичките тензии, конфликтите, климатските промени и економските кризи го загрозуваат глобалното заедништво, рече Рамафоса. Сепак, тој нагласи дека отсуството на Рубио „не е катастрофа“, бидејќи САД „секогаш имаат свој претставник“ на форумите на Г20.
Средбата во Јоханесбург ја одбележа затегнатата атмосфера меѓу западните и руските претставници. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека „не гледа вистинска волја за мир од Русија“.
- Од тоа што го слушнав од (шефот на руската дипломатија Сергеј) Лавров, не гледам никаква намера за прекин на војната во Украина“, изјави Лами. Тој додаде дека рускиот министер ја напуштил салата во моментот кога Велика Британија почнала со своето обраќање.
Знак за поделбите беше и тоа што не беше направена традиционална групна фотографија на дипломатите. Според дипломатски извори, неколку западни земји одбиле да се фотографираат заедно со рускиот министер Лавров.
Во меѓувреме, Русија и Кина ја искористија средбата за да ја зацврстат својата соработка. Лавров се сретна со неговиот кинески колега Ванг Ји, при што двајцата ја нагласија важноста на нивното „стратешко партнерство“.
Кинескиот министер изјави дека Г20 треба да биде „сила за мир и стабилност“, додавајќи дека Кина се залага за мирно решавање на конфликтите, вклучително и во Украина и Газа.
„Мораме да избегнеме блоковска конфронтација и да ги решаваме кризите преку дијалог, а не преку санкции и конфликти“, рече Ванг.
Групата Г20, која ги обединува најголемите светски економии, има за цел да ги надмине разликите меѓу развиените и земјите во развој. Но, поделбите меѓу САД, Европа, Русија и Кина се продлабочуваат, особено поради војната во Украина.
Вашингтон веќе најави дека нема да учествува ни на главниот Самит на Г20 во ноември. Аналитичарите предупредуваат дека оваа одлука дополнително ќе ја ослаби ефективноста на Г20 како глобален форум, а САД повторно се движат кон политиката „Америка на прво место“ под водство на претседателот Доналд Трамп. ссм/
фото: ЕПА