• сабота, 23 ноември 2024

Глобална акција против шифрираната мрежа Ghost, десетици уапсени

Глобална акција против шифрираната мрежа Ghost, десетици уапсени

Мелбурн, 18 септември 2024 (МИА) - Австралиската полиција уапси 38 лица во рамки на глобалната акција против шифрираната мрежа Ghost, која ја користеле криминалци за комуникација. Полицијата успеала преку заразен софтвер да се инфилтрира на шифрираната мрежа.

Мозокот на операцијата е 32-годишен жител на Нов Јужен Велс, кој е обвинет за создавање на платформата.

Акцијата е резултат на меѓународна соработка помеѓу девет земји, вклучително и EUROPOL, и се очекуваат уште апсења во наредните денови.

Полициски операции се во тек и во други земји, вклучувајќи ги Ирска, Италија, Шведска и Канада.

Според австралиските обвинители, сторителите ја користеле апликацијата за „шверц на недозволени дроги, перење пари, нарачување убиства или закани за сериозно насилство“. Станува збор за банди и организирани криминални групи на Блискиот Исток, Австралија и Јужна Кореја.

Во операцијата, властите таргетираа шифрирана комуникациска платформа која била создадена пред девет години. „Полициите од девет земји, заедно со Европол, демонтираа алатка за сериозен организиран криминал“, рече шефицата на Европол, Кетрин Де Боле. „Направената работа е дел од нашата постојана заложба за борба против организираниот криминал каде и да дејствува“, додаде Де Боле. ссм/

фото: EPA arhiva

Остани поврзан